Почнува вработувањето на децата без родители во администрацијата

Министерството за труд и социјална политика денеска објави оглас за вработување во државната администрација на првите 34 лица кои до 18 години имале статус на деца без родители и родителска грижа, согласно последните законски измени на Законот за социјална заштита кои имаат за цел подобрување на нивната состојба.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој денеска ја презентираше програмата Д-10, која предвидува мерки за вработување на овие лица со цел нивна интеграција во општествениот живот, појасни оти тие најпрво ќе бидат вработени во Министерството за труд и социјална политика, а потоа согласно нивните квалификации ќе бидат распределени во други органи на државната управа. За првите 34 вработувања годинава, во буџетот се предвидени 9 милиони и 650 илјади денари.

- Планираме во првите две години да ги вработиме сите лица кои се без работен ангажман, а имаат ваков статус. Според податоците со кои располагаме станува збор за околу седумдесеттина лица, рече Ристовски.

Тој појасни дека право да се јават на огласот имаат сите лица кои до 18 години имале стстус деца без родители и родителска грижа, без разлика дали претходно биле вработени во некоја приватна компанија.

Откако ќе се реализираат овие вработувања во првите две години, според Програмата Д-10 планирано е секоја година да се вработуваат по 10 лица, што според статистиката е бројот на деца кои годишно ги напуштаат установите за деца без родители и родителска грижа.

- Постапката за вработување на лица кои до 18 години имале статус на деца без родители и родителска грижа ќе се реализира на еден транспарентен начин со објавување огласи преку средствата за јавно информирање. Апелирам до сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат условите согласно Законот, да аплицираат за добивање соодветен работен ангажман во зависност од нивните квалификации, посочи Ристовски.

За спроведување на програмата, додаде министерот за труд и социјална политика, ќе се формира координативно тело составено од претставници на министерствата за труд и социјална политика, информатичко општество и администрација и финансии, заедно со претставници на агенцијата за администрација и канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија.

Координативното тело ќе ја следи реализацијата на оваа програма и ќе доставува квартални извештаи за реализација до Владата.