Новогодишно обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски

Почитувани граѓани,

Во годината што измина поминавме низ многу предизвици и искушенија, промени, реформи и новини, успеси, но и непријатни мигови.

Македонија го доби досега најпозитивниот извештај од Европската комисија за остварениот напредок и реформи, како резултат на што ја доби и четвртата по ред препорака за отпочнување на преговорите со цел членство во ЕУ. Иако, изостана очекуваното и заслуженото, а тоа е датумот за почеток на преговорите, сепак, во заклучоците на Европскиот совет има напредок со кој на оние кои досега не блокираа се потешко ќе им биде повторување на истото, особено откога за прв пат до сега за Македонија се отвори жолчна полемика во Европскиот совет, каде голем број држави, наши пријатели го ставија и сопствениот кредибилитет на маса со цел да стават крај на непринципиелното и неправедно однесување кон Македонија. Реформите кои Македонија ги направи во одредени области, факт е дека ги немаат направено и многу земји членки на Унијата. Од друга страна, инсистирањето по секоја цена да ни биде наметнато ново име одбрано од други, и нов идентитет, е преседан кој никого не остава рамнодушен, колку и некои од земјите, односно политичарите во ЕУ да се прагматични или либерални, особено кога станува збор за проблем на друга земја, а не на својата.

На внатрешен политички план, и покрај бројните предизвици со кои се соочивме, покажавме дека нашата земја има капацитет и потенцијал да води разумни политики и да изнаоѓа излезни решенија, успеа да опстане и да покаже стабилност. Имавме и тешки, болни и непријатни моменти како што беше петкратното убиство кај Смилковското Езеро кое не потресе сите нас и во кое МВР покажа дека не е веќе МВР од деведесеттите години.

2012-та беше и година на изразита европска должничка криза. Таа европска криза како и претходните години силно не погоди и нас во Македонија, затоа што нашата економија е поврзана со европската, затоа што 90 отсто од нашиот извоз оди во Европа, а и најголем дел од инвеститорите доаѓаат токму од Европа.

Сепак, со многуте антикризни мерки, и многуте нови реформи, како и преземените мерки во претходните години направивме максимум да помогнеме на компаниите и граѓаните да се преброди овој историски гледано најтежок период на Европа. Фактот дека еврозоната се наоѓа во рецесија, и дека поголем дел од аналитичарите веруваат дека кризата во Европа ќе потрае во наредните 4 до 5 години, се дополнително загрижувачки, но и притисок врз нас во Владата да размислуваме за нови чекори со кои ќе му помагаме на стопанството. Сепак и во такви услови успеавме не само да спречиме нов раст на невработеноста, туку и истата благо да се намали, што е редок феномен во услови на криза. Нашите напори да привлечеме капитал од странство оваа година беа повеќекратно поголеми отколку во минатото. Направивме посета на голем број компании и богати инвеститори, на бизнис презентации, роуд шоуа и преставувања на економските потенцијали на земјата, не само низ Европа, туку многу пошироко низ светот. Иако, резултатите од ваквите обиди обично доаѓаат по две, три години овој пат дел од нив почнаа да пристигнуваат и порано. Презентациите и контактите во Индија, Кина, Русија, Америка, Германија, Англија, Белгија, Холандија, Австрија, Катар, Италија, Канада, скандинавските земји, Турција и повеќе други веќе почнуваат да даваат резултати. Иако инвестиционата активност во Европа во услови на рецесија е намалена, повеќе нови фабрики кои се резултат на овие активности почнаа да се градат или се во најава за првите месеци од 2013-та, и што е поважно дел од нив одлучија да се сместат во внатрешноста на Македонија, а не само во Скопје.

Веројатно да не беше кризата, бројот на овие инвестиции ќе беше уште поголем, сепак, и ова беше доволно на индексот ИБМ, Македонија да се најде прва според новоотворени работни места во една година, а на ранг листата на Светската банка го задржавме високото 23-то место во светот во делот на услови и клима за правење бизнис. Сето ова дава надеж дека и во 2013-та ќе има напредок во привлекувањето инвеститори и отворањето нови работни места, кои се мој стратешки фокус од првиот ден на мандатот.

Не само што го задржавме статусот на земја со најниски даноци, и најниски трошоци за правење бизнис, туку Владата покажа слух и во елиминирањето на доцнењата по поврат на ДДВ и плаќање на доспеаните обврски кога во септември правејќи корекции во монетарната политика излезе во пресрет на барањето на стопанството, и веќе речиси 70 отсто од ветеното го реализиравме, а до крајот на февруари, како што ветивме ќе биде целосната реализација на ветеното.
Со предвременото раздолжување во 2007-та и 2008-та, Македонија стана една од најниско задолжените земји во Европа. Денес, по 4 и пол години на светска криза и европска должничка криза, Македонија сеуште е една од најниско задолжените земји, поточно 4-та најниско задолжена земја во Европа, што е потврдено и од Светската банка и ММФ. Ние ќе продолжиме домаќински и одговорно да се однесуваме кон ова прашање и во иднина.

Но, во 2012-та не заборавивме и на граѓаните особено на оние од најранливите категории. Децата без родители добија закон со кој во иднина на секое дете од дом за деца без родителска грижа државата ќе му обезбеди вработување. Примателите на социјална помош и пензионерите добија покачување кое ќе започне за два месеци од сега. Годинава стартуваше и додадоток за нега од трето лице на лицата со највисок степен на инвалидитет како и слепите лица. Се зголеми и надоместокот за енергетска сиромаштија, а пораснаа и средствата во буџетот за земјоделците, кои и во 2013-та повторно ќе пораснат на рекордни 135 милиони евра. Пензионерите со пензија помала од просечната, според ветувањето во програмата добија можност за болничко лекување без партиципација, а од први јануари 2013-та стартува реализацијата на ветувањето со кое на секој граѓанин за кој лекарска комисија ќе утврди дека мора да се лекува во странство, трошоците речиси во целост ќе ги покрива државата, односно пациентот нема да плати повеќе од 200 евра. Младите кои сакаат да студираат во странство, и кои ќе се запишат на највисоко рангираните 100 универзитети во светот, односно 200 во техничките науки, од оваа 2012-та година добиваат целосна стипендија, а продлжуваме и со овие и со другите редовни стипендии.

Во здравството, покрај набавките на нова опрема, намалувањето на цените на лековите и реконструкциите на болниците, се осврнавме и на барем малку поправично плаќање на лекарите, согласно учинокот, со цел да привлечиме поголемо внимание на лекарите во јавното здравство кон пациентите. Сега кога платата на лекарите барем во мал дел ќе зависи од пациентите, и кога оние кои совесно, професионално и одговорно работат ќе добијат и парична награда, а оние кои потфрлиле ќе добијат мотивација да бидат подобри, очекуваме односот кон пациентот во болниците и клиниките да стане поблизок на односот во примарното здравство. Како што ветивме од јануари 2013-та стапува на сила и мерката со која секој месец 100-те најуспешни лекари во болниците и клиниките ќе земаат дупла плата. Според очекувањата, кај дел од лекарите овие мерки наидоа на негодување и штрајк, од кој ќе се излезе со спогодба која не ја дерогира смислата на оваа најзначајна реформа во здравството. Промени од ваков тип следната 2013-та година ќе има и во други државни сектори.

Во 2012-та започна и градбата на последното парче од автопатот Александар Македонски, помеѓу Демир Капија и Смоквица, во вредност од над 200 милиони евра. Се изградија огромен број локални и повеќе регионални патишта. Работиме следната година да се обезбеди финансиска конструкција за изградба на други автопати и особено сме фокусирани на автопатот од Скопје кон Штип и од Скопје кон Охрид и албанската граница. Продолжуваме со градба во 2013-та и на многу нови локални и регионални патишта во Македонија, а ги направивме и најголем дел од подготовките да следната пролет започне градбата на гасоводот и на железницата кон Бугарија.

На крајот на годината голема непријатност и тежок ден Македонија имаше и пред неколку дена кога се спречи обид за насилно завземање на Парламентот и погазување на волјата на гласачите од последните парламентарни избори пред година и половина. За среќа иако со последици за угледот на државата, Македонија не дозволи рушење на долго градената демократија и легитимно избраната власт на слободни и фер избори, ниту пак блокирање на земјата и штети врз граѓаните со неизгласување на буџетот. Носителите на овој недемократски чин имаат шанса да повратат дел од загубениот углед на земјата ако набрзо се вратат во Парламентот и учествуваат на следните локални избори, кои мора и ќе бидат како и претходните фер, слободни и демократски.

Во 2013-та ние во Владата ќе продолжиме со силното темпо на работа кое стана карактеристика за нашиот мандат и нов репер за следните генерации политичари. Темпо кое треба да го подобрува животот на граѓаните, да создава услови за отворање на нови работни места, да ја европеизира Македонија во најдобрата смисла на зборот, да го зацврстува соживотот меѓу сите нас, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и останатите, меѓу христијаните и муслиманите, меѓу оние кои различно размислуваме, но имаме иста цел - подобар живот и попросперитетна Македонија. Нашата цел за членство во ЕУ и НАТО останува како наш предизвик, исто како и борбата за зачувување на нашето национално достоинство и идентитет.

Изразувајќи Ви благодарност за Вашата доверба, Ви ја честитам новата 2013-та година, со желби за добро здравје, повеќе љубов и разбирање, спокојство, мир, просперитет и личен успех на секој од Вас и вашите семејства.

Нека е среќна и бериќетна Новата 2013-та година!


 

Категорија: