Конференција на јавни служби за вработување

Како да се водат евиденциите на невработени лица односно лица кои навистина активно бараат работа, да се утврди нивниот точен број, структурата и квалификациите за да може да се изготват соодветни планови за зголемување на вработувањето, ќе разменуваат искуства претставници на националните служби за вработување на 10. директорска конференција на Центарот на јавни служби за вработување на државите од Југоисточна Европа што се одржува во Скопје.

Тие ќе разговараат и за мерките кои се преземаат во земјите во регионот, колку тие се соодветни со оние од Европската унија, како и за предизвиците со кои се сооочуваат особено сега во услови на глобална економска криза.

- Прашањето на невработеноста е исклучително важно прашање. Преземањето мерки за нејзино намалување треба да се темели на реална евиденција на невработените лица. Таа е потребна и за креирањето на активните политики за вработување со цел програмите да се насочат на оние на кои им се потребни, истакна во обраќањето на конференцијата министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој посочи дека за да се создаде реална евиденција во Македонија се извршени неколку законски измени.

- Со донесените измени се воспоставуваат две евиденции и тоа на невработени кои активно бараат работа и на други невработени лица. Ова се направи за да се стави поголем акцент на оние кои навистина бараат работа. Ова е важен предуслов за да се креираат активни политики за вработување со што значително ќе се влијае на пазарот на трудот, рече Ристовски.

Со измените, додаде, посебен акцент е ставен на индивидуалниот план за вработување, што може да помогне во вработување на невработено лице согласно неговите знаења и вештини.

Директорот на Агенцијата за вработување на Македонија Влатко Поповски потенцира дека воспоставувањето ваква евиденција е од исклучително значење со оглед на тоа што од досегашните искуства можело да се заклучи оти многу од невработените лица одбивале работа која им била понудена.

- Многу малку од невработените прифаќаат вработување што им се нуди преку Агенцијата иако местата што им се нудат се соодветни на нивните знаења и вештини, рече Поповски, додавајќи дека најчесто работа одбиваат оние кои немаат никаква школска подготовка или искуство.

Тој истакна дека задоволителни резултати за зголемување на вработеноста даваат мерките за самовработување кои, како што рече, по најновите мерења покажуваат успешност од околу 72 проценти. Во ЕУ, рече, ваквите мерки се успешни околу 55 проценти.

И земјите во регионот се соочуваат со истите предизвици во справувањето со невработеноста.

Драган Ѓукиќ од Националната служба за вработување во Србија истакна дека голем дел од мерките кои се преземаат во земјата се слични како оние кои се преземаат во Македонија. Сепак, вели, голем дел од невработените до вработување доаѓаат преку агенцијата. Според него, околу 30 проценти од оние кои ќе се вработат тоа го прават со посредство на Националната служба за вработување.    

На конференцијата присуствуваат претставници од јавните служби за вработување на Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Турција, Унгарија, Франција, како и Светската асоцијација на јавни служби за вработување.