Честитка од премиерот Груевски по повод големиот христијански празник Св. Климент Охридски

Скопје, 8 декември 2012

Ваше Блаженство,

Дозволете ми во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник – Св. Климент Охридски и да Ви посакам радосни и благословени празнични денови.

Свети Климент Охридски е еден од најголемите светители во црковната и националната историја на македонскиот народ. Со неговата работа како учител и книжевник, просветител и архиереј се поставија темелите на нашата духовна просвета и култура, и на нашата света Македонска православна црква - Охридска Архиепископија. Во оваа исклучителна личност, Македонија го има временскиот стожер околу кој се врзани нашето културно и цивилизациско минатото, но и нашите сегашност и иднина.

Образецот и делата на Свети Климент се безвременски и вечни. Неговата личност била израз на благост и благородност, молејќи се, тој учел за молитва, работејќи, давал пример за трудољубие, а творејќи извршил целосна духовна и културолошка преобразба на луѓето од Македонија, Балканот и пошироко. Неговите букви се пишуваа, се пишуваат и уште долго ќе се испишуваат во Македонија, задолжувајќи го и човештвото, и остварувајќи силно влијание и на општиот општествен негов развој. Токму затоа, неговиот глас и неговото име, носено од брановите на вечната светлина, одекнува веќе единаесет столетија и ќе продолжи да одекнува и во иднина.

Наша обврска е да продолжиме да чекориме по од него трасираниот пат, со трудољубива и посветена работа, со одговорен пристап, и со вложување во функција на задоволување на интересите на граѓаните, со создавање трајни дела од корист за народот, со развој на образованието и културата, и со практикување и водејќи се од системот на вредности.

Нека е вечно неговото име и неговото дело !

Нека ни е за многу години големиот државен празник !

 

 

Никола ГРУЕВСКИ

Неговото  Блаженство

Господин Господин Стефан

Поглавар на Македонската православна црква

Архиепископ Охридски и Македонски

 

Скопје