Обраќање на премиерот Никола Груевски на Донаторската конференција за изградба на црквата Св. Константин и Елена

Ваше блаженство, Почитуван Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, поглавар на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија,
Почитувани великодостојници,
Почитуван Претседател на Парламентот на Р.М, г-дине Вељаноски,
Почитувани членови на Владата и Собранието на Р.М,
Почитувани претставници на академската заедница,
Почитувани претставници на бизнис-заедницата,
Почитувани гости,
Дами и господа,


Црквата од секогаш била душата на нашиот народ, наше древно светилиште и духовна мајка на нашите предци.

Уште од прадеда па до денес, таа била чувар на духовните обичаи, на разните адети и добри традиции. Таа од секогаш имала значајна улога во историјата на Македонија како еден од основните стожерите на опстојувањето на македонскиот народ. Нашите предци пак, сите свои духовни, интелектуални и материјални капацитети ги вложувале во нејзините темели и изградбата на црковните храмови.

Исполнувајќи не со љубов и вера, нашата Црква продолжува да биде наш вечен сопатник, закрилник и духовен водач. Токму во нејзините храмови ги споделуваме сите овоземни радости и убавини, ги совладуваме сите таги и неправди, тука се крштеваме, ....тука се венчаваме, .....тука си спомнуваме за нашите предци и се молиме за нашите потомци, .......тука бараме прошка и утеха, .....тука е и последна станица од нашето овоземно патување. Нашата верба и нашата црква, е нашата духовна вертикала која не насочува кон небото и кон нашиот Бог.

Треба да си ја чуваме,....Треба да си ја негуваме!

Почитувани сограѓани,

Денес, во предвечерието на големиот празник “Св. Климент Охридски“, како христијани и како верници, собрани сме со убава мисла и со благородна идеа – Да ја помогнеме изградбата на црквата „Светите цар Константин и Елена“, која постоела до пред 40 години во Скопје.

Овој храм е посветен на едни од најзначајните ликови во историјата на христијанството, царот Константин и неговата мајка Елена. Царот Константин бил првиот римски император кој застанал во борбата против прогонувањето на христијаните и кој во христијанството гледал како на најважна поткрепа за своето царство. Токму во негово време и во време на неговата мајка Елена, бил донесен и познатиот “Милански едикт“ кој им дозволил на христијаните и на сите други да ја исповедаат онаа религија која што ја сакаат, а воедно во тоа време биле изградени и мноштво цркви.

Денес, поучени од примерот на овие големи верници, но и мотивирани од фактот што оваа црква има своја улога и значење во меморијата на старите жители на Скопје, се собравме да помогнеме за нејзиното повторно издигнување.

Нашиот народ од секогаш сакал да работи, да создава и да остава за следните поколенија. Притоа, градејќи ги ваквите верски објекти, ние учествуваме во сопствената изградба, се градиме себеси и како поединци, но и како жив народен организам. Се градиме како здрави личности, со правилно вреднување и расудување, силни и слободни да се соочиме со сите предизвици на секојдневието.

Во таа насока, Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, е нашата духовна мајка, која будно се грижи за правилно артикулирање на народната побожност, на човечката пристојност и јавниот морал на денешните и идните генерации. Нејзиното значење е посебно важно во време во кое “навидум модерното“, гази по традиционалното и промовира поинакви вредности за сметка на семејните и христијанските вредности. Време во кое нашиот народ се соочува со бројни предизвици, меѓу кои можеби најголемата е демографијата и рецесијата на нацијата.

Токму затоа, да бидеме сплотени и да бидеме блиску до нашето духовно огниште. Најмалку што можеме... и пред себе и пред бога, е да ги чуваме, да ги градиме и да ги негуваме црковните храмови. Да покажеме солидарност со Македонската православна црква затоа што солидарноста како една од најзначајните христијански вредности, претставува алка која не поврзува заедно, причина поради која сме одговорни едни за други и предуслов за изградба и развој на праведно и одговорно општество.

Од овие причини, силно ја поздравувам и застанувам зад оваа иницијатива за изградба на православниот храм „Свети Константин и Елена“!

Се надевам дека истата ќе наиде на огромна поддршка од страна на сите верници, поединци и организации кои ќе помогнат за изградба на црквата.

Само нашата сплотеност околу вербата и благословот да го сочуваме и продолжиме учењето Христово, ќе не направи многу посилни да истраеме на божјиот пат, патот на љубовта, приземноста и меѓусебното разбирање.

На тој пат, да продолжиме заеднички!


Ви благодарам






 

Категорија: