Активности на МНР Попоски на Министерскиот совет на ОБСЕ, во Даблин

Денеска, во Даблин започна со работа 19-от Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Свое обраќање пред Советот имаше и министерот за надворешни работи, Никола Попоски. Во обраќањето, тој се осврна на приоритетите на Република Македонија во работата на ОБСЕ, а воедно ги нагласи значењето и сеопфатниот пристап на ОБСЕ во справувањето со безбедносните предизвици. Особено потенцираше дека треба да се работи на унапредување на клучните столбови на ОБСЕ – превентивните мерки, раното предупредување и навремена акција во справување со новите предизвици, како што се нелегалната трговија со лесно оружје како и ширењето на оружје за масовно уништување.

Во обраќањето ја истакна улогата и одговорноста на Република Македонија, како актуелен претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, со заложби за координирани активности со земјите од Процесот за соодветно адресирање на предизвиците во областа на економијата и животната средина.

Потсети дека Република Македонија останува целосно посветена на својата европска агенда, спроведувајќи сеопфатни реформи со цел прилагодување кон европските стандарди, што впрочем по четврти пат го потврди и Европската комисија, давајќи препорака да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ. Истовремено, потсети дека Република Македонија, најдоследно ги почитува начелата и принципите на ОБСЕ, континуирано работејќи на зајакнување на кохезијата во македонското мултиетничко општество.

На маргините од Министерскиот состанок, министерот Попоски оствари средби со повеќе свои колеги, меѓу кои со Државниот секретар на САД – Хилари Клинтон, со Министерот за Европа на Обединетото Кралство – Дејвид Лидингтон, со Марта Дасу – ЗМНР на Италија и Франс Тимерманс – МНР на Холандија.

На средбата со Државниот секретар на САД – Хилари Клинтон, МНР Попоски се осврна на стратешкото партнерство меѓу Република Македонија и САД, укажа и на потребата од што поскорешен прием во НАТО организацијата, а се осврна и на актуелните состојби во Регионот.

На разговорите со европските соговорници стана збор за прашања од областа на ЕУ, МНР Попоски ги повтори очекувањата Република Македонија да добие датум за започнување на преговори со Унијата, при што побара и нивна конкретна поддршка на претстојниот Европски Совет.