Пораст на превезените патници од скопскиот Аеродром за 11 проценти

Пораст на бројот на превезени патници за 11 проценти е регистриран во ноември годинава од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје во однос на ноември минатата година. Според податоците од Министерството за транспорт и врски, во ноември  се превезени 62.371 патници, за разлика од минатиот ноември кога биле превезени 56.180 патници.

Најголем пораст има во бројот на патници на редовните линии, што се должи на воведувањето нови директни дестинации кон повеќе европски градови и кон Дубаи во текот на ноември. На редовни линии во ноември се регистрирани 60.873 патници, што е за 21,5 отсто повеќе од овој месец минатата година кога на редовни линии патувале 50.089 патници.

По реконструкцијата и модернизацијата на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, која заврши во септември минатата година со изградба на нова терминална зграда за пречек и испраќање на патниците, бројот на компании кои оперираат на нови дестинации и бројот на патници континуирано бележи раст.

Исто така, со имплементирањето на Проектот на Владата за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај се очекува и дополнително зголемување на бројот на патници.