Доделени национални награди за волонтерство

По повод 5 декември - Меѓународниот ден на волонтерството денеска првпат беа доделени национални награди за волонтерство во четири категории: волонтер на годината, организатор на волонтерска работа, волонтерска практика и за медиуми кои придонеле за промовирање и поддршка на волонтерството во Македонија за 2012 година.

- Волонтерите и волонтерството во секоја држава претставуваат огромен човечки потенцијал кој постојано се мобилизира и поседува знаење и вештини корисни за заедницата. Волонтерите со нивната работа придонесуваат во изградбата на општествениот и човечкиот потенцијал, во зголемувањето на вклучувањето на граѓаните во општествениот развој... вредноста што тие ја создаваат и вградуваат во своите активности е бесценета бидејќи поседува особен квалитет збогатен со добрата волја и алтруизмот, рече на доделувањето на наградите министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Добитник на наградата за волонтер на годината е доктор Јован Крстевски, кој е дел од организацијата на Црвен крст на град Скопје, награда за организатор на волонтерска работа доби здружение за заштита на животни „Анима Мунди“, наградата за волонтерска практика ја доби меѓународното училиште НОВА и награда  за придонес за промовирање и поддршка на волонтерството во Македонија доби дневниот весник „Дневник“.

Претседателката на Националниот совет за развој на волонтерството Александра Личоска истакна оти целта на наградата е да го промовира волонтерството пред пошироката јавност, да се зголеми видливоста на волонтерите, да се укаже на позитивните искуства и практики и да иницира негово натамошно унапредување и развој.

За наградата одлучувала комисија од Националниот совет за развој на волонтерството, кој распишал јавен повик на кој се пријавиле заинтересираните организации на волонтерска работа.

Министерот Ристовски на членовите на Националниот совет за развој на волонтерството им доделуви благодарница за напорите во унапредувањето на волонтерството, а посебно признание му беше доделено на Црвениот крст на Македонија за досегашниот придонес во развојот на волонтерството.

Во Македонија во 2007 година е донесен Закон за волонтерство, а со неговата досегашна примена се ангажирани вкупно 1.533 волонтери од различни области и гранки. Во 2010 година е донесена Стратегијата за промовирање и развој на волонтерството 2010 - 2015, како и Акциски план за нејзино спроведување.