Презентиран Предлог енергетскиот биланс за 2013 година

Македонија догодина ќе потроши 81.897 тера џули енергија. Пораст на потрошувачката ќе има кај сите видови енергија и енергенти, а најголем во однос на 2012 ќе биде кај природниот гас со 27,7 отсто, по што следат нафтените деривати со 8,3 и геотермалната енергија со 6,9 отсто, предвидува Предлог енергетскиот биланс за 2013 година.

- Се очекува во 2013 година да има континуирано и безбедно снабдување со енергија за сите потрошувачи. Од вкупните потреби за енергија 52,2 отсто ќе се обезбедат од  домашни извори, а 47,8 отсто од увоз, информира министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната седница на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) во Стопанската комора на Македонија.

Се планира, додаде, вкупните потреби за електрична енергија за идната година да изнесуваат 9.028 гигават часови што е за 2,6 отсто  повеќе во однос на годинава. Од нив 76,5 отсто ќе се обезбедат од домашното производство, а остатокот од 23,5 отсто од увоз.

- Производството на електрична енергија во 2013 се очекува да биде на ниво од 6.907 гигават часови што е за 7,4 отсто поголемо во однос на 2012 година. Тоа пред се се должи на најавеното зголемено производство на ТЕ-ТО Скопје, рече Сарачини.

Термоцентралите, нагласи, ќе произведат 4.823 гигават часови или 72 отсто од вкупната електрична енергија во државата, а се планира хидроелектраните да произведат 1.088 гигаватчасови или 15,7 отсто од вкупното производство.

- Нето увозот на електрична енергија во 2013 година се планира да биде за 10,5 отсто помал во однос на годинава и да изнесува 2.121 гигават часови. Причина повторно е најавеното производство на ТЕ-ТО. Загубите на електрична енергија се планира да изнесуваат 1.308 гигават часови и да бидат помали за 2,5 отсто во однос на годинава, потенцира Сарачини.

Планирано е, додаде, потребите од природен гас да изнесуваат 309 милиони метри кубни, а се очекува и за 8,1 отсто поголема потрошувачка на нафтени деривати и пораст на увозот на сурова нафта од 335.000 тони на 560.000 тони. Потребите од јаглен и лигнит се планирани  на ниво од 7,9 милиони тони или за 3,5 отсто повеќе во однос на 2012 година.

Ратко Манов од ГА-МА истакна дека ТЕ-ТО годинава ги предизвика најголемите проблеми во транспортниот систем на гасот.

- Регулаторот ги уважи предвидувањата за потребите од ТЕ-ТО и ја намали цената на гасот за 100 проценти во изминативе две години. Со тоа ГА-МА стана несолвентна и мораше да земе кредит за опслужување на системот, рече Манов и додаде дека наместо предвидените 350 милиони метри кубни гас во системот биле транспортирани само 66 милиони.

Во иднина побара да не се вградуваат желбите на потрошувачите во енергетскиот биланс и потрошувачите да платат за преносот на количината на гас што ќе ја увезуваат за да не страдаат другите корисници.

- Апелирам сите поголеми потрошувачи да даваат реални податоци за потрошувачката на гас, а не желби кои Регулаторот потоа ги зема предвид и ги вкалкулира во цената на гасот, рече Манов.

Проблеми во исполнувањето на зацртаното производство, пренос и дистрибуција на електричната енергија не очекуваат ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН Македонија, која од наредната година ќе биде задолжена за увозот на електричната енергија која недостига во системот.

Претставниците на ОКТА и Макпетрол посочија дека не очекуваат проблеми во снабдувањето на нивните потрошувачи со нафтени деривати и додадоа дека во последниот период се зголемува потрошувачката на дизелот за сметка на бензините. Побараа да се зголемат акцизите за екстра лесното масло за домаќинството и да се приближи цената до дизелот DV за да се спречат злоупотребите. Од Макпетрол најавија дека во наредната година ќе се фокусираат на поголема примена на течниот нафтен гас и метанот.