Прошталната средба на амбасадорот на Република Грција, Александра Пападопулу со МНР Попоски

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска ја прими во проштална средба Александра Пападопулу, амбасадор на Република Грција во Република Македонија.

Заблагодарувајќи се на залагањата и шестгодишниот ангажман на амбасадорот Пападопулу во Република Македонија, министерот Попоски ја потенцираше нашата подготвеност за унапредување на односите и соработката меѓу  двете земји, во интерес на стабилноста, просперитетот и ЕУ  интеграцијата на регионот.

На средбата, министерот Попоски нагласи дека стратешки интерес на Република Македонија и на регионот во целина, е што поскорешна интеграција во евроатлантските и во европските структури, и во тој контекст потребна е отворена поддршка и од Република Грција.

Притоа, подвлече дека Република Македонија е целосно посветена на споделување на идејата за заедничка иднина во Европската унија и во таа насока, изрази очекување дека и Република Грција ќе ги вреднува напорите што нашата земја ги вложува на овој  план.