„Да градиме заедничка европска иднина“ - Писмо од министерот Попоски до неговиот бугарски колега, Младенов

„Со големо задоволство го примив Вашиот одговор на моето писмо. Посебно ме радува тоа што цените дека предлозите во него се солидна основа за рамката на активности која ќе ги зајакне односите меѓу нашите две држави. Воедно, го делиме мислењето дека нашата зачестена комуникација прераснува во еден суштински и конкретен дијалог, заснован врз европските принципи и вредности. Тој дијалог несомнено ќе придонесе ние како соседи да се гледаме без предрасуди и да дејствуваме како вистински и искрени пријатели“,  пишува министерот Попоски, во писмото до неговиот бугарски колега, Николај Младенов.

Во писмото, се нагласува дека Република Македонија високо ја цени поддршката што Република Бугарија во континуитет ја дава од нашето осамостојување до денес. „Високо ја цениме и Вашата поддршка на процесот за проширување на Европската Унија“, истакнува меѓу другото, министерот Попоски, со уверување дека трајна определба на Република Македонија, е заедно со Република Бугарија, да градат заедничка иднина во европските и евро-атланските структури.

Понатаму во писмото се наведува дека „Наша трајна определба е со Република Бугарија да градиме заедничка иднина во европските и евро-атланските структури, која на нашите два блиски народи ќе им овозможи благосостојба, просперитет и мир. За што побрзото остварување на таа цел, ние сме подготвени да работиме, искрено и континуирано, и на политичко и на институционално ниво“.

Во тој контекст, посебно се поздравува предлогот за унапредување на договорната рамка на ниво на договор за добрососедски односи и соработка. „За таа цел, веднаш би пристапиле кон формирање на заедничка работна група. Посакувам бугарските и македонските претставници да се состанат во најкраток рок“, пишува Попоски, предлагајќи оваа работна група да ги синтетизира или операционализира целите и активностите во една општа рамка или патоказ.

„По операционализација на тематските групи од домените на взаемен интерес, секако би можеле да пристапиме и кон формирање на Висок совет во формат на годишни заеднички седници на респективните Влади. Ваквите искуства се исклучително позитивни и би биле најдобра потврда за негување на блиски, пријателски и искрени односи меѓу две соседни земји“ – додава министерот Попоски.

На крајот, министерот Попоски уште еднаш ја повторува заложбата на Република Македонија за градење и унапредување на добрососедските односи и на градењето мостови на соработка со Република Бугарија.

„Остануваме определени да градиме заедничка европска иднина, базирана на европските принципи и вредности и со почитување на меѓусебните чувствителности. Сите отворени прашања и разлики ќе успееме да ги надминеме со нашето меѓусебно почитување и доверба, и со почитувањето на европските вредности, на демократските начела и на човековите права“, стои во писмото на министерот Никола Попоски до министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Николај Младенов.