Попоски се сретна со Азари од израелското МНР

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во Скопје ја прими Ана Азари, заменик генерален директор за Централна Европа и Евроазија во Министерството за надворешни работи, на Државата Израел, која предводи Делегација во посета на Република Македонија на редовни политички консултации меѓу двете министерства на ниво на политички директори. 

Како што соопшти МНР, на средбата се разменети мислења и ставови за развојот на билатералните односи и соработка меѓу двете пријателски држави, како и можностите за нивно идно интензивирање и продлабочување во сите сфери од заемен интерес. Заеднички е констатирано дека односите меѓу двете пријателски земји бележат нагорен тренд, при што израелскиот дипломат укажа дека Република Македонија за Државата Израел претставува важен и близок партнер во Југоисточна Европа.

Соговорниците го потврдија високото ниво и динамиката во развојот на политичкиот дијалог, а во тие рамки министерот Попоски упати покана до својот колега министерот за надворешни работи на Израел, Авигдор Либерман да реализира возвратна официјална посета на нашата земја, во скора иднина.

За време на политичките консултации, чиј домаќин беше државниот  советник во Министерството за надворешни работи, Паскал Стојчески, беа разгледани повеќе аспекти од развојот на билатералните односи меѓу двете земји, со посебен акцент на зајакнување на соработката во полето на економијата, трговската размена, туризмот, размената на искуства во областа на земјоделството, науката и технологијата, како и во привлекувањето израелски инвестиции во Република Македонија.

Исто така, станало збор за меѓусебната соработка во меѓународните организации, а во тие рамки и за актуелните случувања во Обединетите нации во врска со резолуцијата на Генералното собрание на ОН за признавање на статусот на Палестина на држава нечленка на Светската органзиација.

На денешните политички консултации се разговараше и за регионалните случувања, како во Југоисточна Европа, така и на Блискиот Исток, а исто така и за приоритетите на надворешната политика на Република Македонија за интеграција во ЕУ и НАТО и мерките и активностите што ги презема државата за остварување на тие цели, се наведува во соопштението.