Аеродромот „Александар Велики“ енергетски ефикасен

Министерот за економија Ваљон Сарачини и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Вернер Хенгст го посетија аеродромот „Александар Велики“ за во пракса да се уверат како функционира системот за заштеда на електрична енергија што компанијата го воведе минатата година.

Аердромот инвестира 100.000 евра во BMS-системот кој овозможува управување со сите електрични потрошувачи во објектот од една контролна соба. Во него е вграден и системот SKADA кој обезбедува приказ на тековната потрошувачка на електричната енергија и ги предвидува оптимализациите на енергијата потребна за било која од функциите на аеродромот.

Токму практичната примена на системи за заштеда на енергија и нивна примена во бизнис секторот е еден од приоритетите на платформата за енергетска ефикасност „Размисли и заштеди“ што во октомври годинава ја започнаа Министерството за економија и ЕВН Македонија.

- Во последно време се повеќе разговараме  за енергетската ефикасност и дека цената на електричната енергија ќе се зголемува. Тоа е светски тренд и како Влада не можеме многу да влијаеме, но можеме да влијаеме на начинот на кој се троши електричната енергија. Воведувањето на енергетската ефикасност на аеродромот „Александар Велики“ покажува дека инвестицијата се враќа за 18 месеци. Сметам дека тоа ќе биде мотив и за другите компании да вложат во енергетска ефикасност, рече министерот Сарачини.

Нагласи дека со воведување на мерки за енергетска ефикасност годишно може да се постигне заштеда од 40 до 50 отсто и апелираше да се инвестира повеќе за таа намена, бидејќи во иднина се очекува раст на цената на електричната енергија.

Хенгст рече дека му е задоволство што стратешки капацитет како аеродромот дава пример како е да се работи со највисоки стандарди, а во исто време да се обезбеди енергетска ефикасност во работењето.

- Енергетската ефикасност значи да се добива ист ефект со помала потрошувачка на електрична енергија и со помали трошоци. Тоа е многу значајно кога електричната енергија станува се поскап производ, рече Хенгст.

Ги покани сите компании, институции и здруженија да се придружат кон концептот за подобрување на енергетската ефикасност и на тој начин, како што рече, да си помогнат себеси и на целиот енергетски систем.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски се заблагодари што и тие се дел од програмата за енергетска заштеда.

- Воведувањето на BMS-системот за управување со објектот можеме да кажеме дека е веќе исплатлива  инвестиција бидејќи имаме преку 20 отсто намалена потрошувачка на електрична енергија. Исто така, имаме и нова енергетска поддршка на полетно-слетната патека преку систем за далечинско управување со светлосната сигнализација со кој контролорите на леатањето самостојно управуваат со светлото на полетно-слетната патека со што се врши заштеда на енергијата и се подобрува сигурноста, рече Крстевски.

Додаде дека веќе е направен гасовод од ТИРЗ Скопје 1 до аеродромот и наскоро греењето ќе биде префрлено на гас, а се размислува и за воведување на соларна енергија.