Ристовски вети натамошна поддршка за лицата со попреченост

Отворање нов центар за лица со интелектуална попреченост и натамошна поддршка за постојните, најавија денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски кои од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“-Скопје добија благодарници за унапредувањето на правата на овие лица.

Лицата со интелектуална попреченост во центарот престојуваат пет дена во неделата. Таму се работи на развојот на нивните психомоторички способности, но и се учат на повеќе животни вештини за да можат да бидат посамостојни.

- Градот Скопје финансиски го поддржува функционирањето на овој  на овој дневен центар со 1,5 милиони денари годишно. За следната година се издвоени 2 милионa денари. Се надевам дека со Министерството за труд и социјална политика догодина ќе може да отвориме уште еден центар во градот бидејќи вакви центри се неопходни, рече Трајановски.

Министерот Ристовски смета дека ваквиот начин на згрижување на лица со интелектуална попреченост се покажал многу поуспешен и дава подобри резултати. Поради тоа, рече потребно е да се поддржува работата на постојните и да се отвораат нови.

- Ова е само најголем приказ и доказ дека деинстутуционализацијата како процес односно вклучувањето на корисниците со интелектуална попречност во ваков вид центри е позначајно и поправилно. Тоа поквалитетно придонесува за нивниот развој, за разлика од досегашната пракса на нивна институционализација, рече Ристовски.

Додаде дека МТСП ќе продолжи да ги мотивира и поддржува ваквите активности и најави дека во план е да се отвори уште еден ваков центар на локација од општина Центар до  општина Ѓорче Петров, со цел, како што истакна, лицата со попреченост да им се олесни пристапот до ваков тип центри.

Ристовски потенцира дека дел од мерките за поддршка на лицата со попреченост, особено на децата, е најавата за вработување на нови 252 воспитувачи и негувателки во детските градинки, кои треба да бидат обучени за да можат да прифатат вакви деца и со нив да работат.

- Владата пред две седници донесе одлука дека ќе се вработат 252 стручни работници во  детските градинки. Тоа ќе бидат воспитувачи и негувателки. Дел од нив ќе бидат оспособени и ќе поминат низ процес на лиценцираше.  по еден Владата ќе вработи и 54 логопеди во секоја општина, со чија помош ќе се овозможи поправилен развој на децата и физички и психички, рече Ристовски додавајќи дека се чека донесувањето на законските измени за да можат обуки да посетуваат и постојните воспитувачки и негувателки.

Во дневниот центар „ПОРАКА“-Скопје, покрај Ристовски и Трајановски, благодарници добија и градоначалникот на Радовиш, заменик генералниот директор на Рудникот Бучим и претседателот на Координативното тело за спроведување на Локалниот акциски план за попреченост во општина Радовиш Душко Чамински. Благодарницата им беше доделена по повод 3 Декември Меѓународниот ден на лицата со попреченост, за придонес за остварување и унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија за 2012 година.