Од 2013-та почнува надворешно оценување на високообразовните институции во Македонија

Одборот за акредитација и евалуација од идната година ќе почне да го оценува  квалитетот на работата на високообразовните институции во Македонија. Според новиот Закон за високо образование, Одборот од јуни минатата година доби  две функции - да одобрува формирање нови факултети (акредитација), но и да ја оценува нивната работа (евалуација) - т.е. доби надлежност и да предлага одземање добиени акредитации за работа.

Во консултации со Министерството за образование и наука Одборот изработил, а Владата усвои,  правилник за процесот на надворешната евалуација.

- Правилникот е основа на активностите што ќе ги презема Одборот во следниот период и е мошне важен во процесот на негово приближување кон Европскиот сојуз на одбори за акредитација. Верувам дека во скоро време ќе бидеме член во таа асоцијација, каде што сега сме придружен член, изјави министерот Панче Кралев кој денеска го посети Одборот во неговите простории во Градскиот трговски центар.

Претседателот на Одборот Михаил Петковски изјави дека надворешна евалуација се прави во речиси сите земји во Европа. За евалуацијата ќе се формира комисија и, според правилникот, задолжително ќе има член од странство за да се избегнат, како што рече Петковски, познатите проблеми кои настануваат во мали средини, т.е. мали земји.

- Ќе го оценуваме работењето и квалитетот на образованието на факултетите и универзитетите. Досега факултетите се самоевалуираа,  самите се оценуваа, но тоа не е доволно, зашто ако надворешно ве евалуираат, вие сте поттикнати  и принудени да се промените. Без надворешна евалуација македонското високо образование ќе биде непрепознатливо на образовната карта на светот, рече Петковски. Тој го предводи телото откако пред една и пол година тоа доби проширени надлежности, односно во него се споија двете поранешни тела - Одборот за акредитација и Агенцијата за евалуација.

Петковски додаде дека досега се подготвувале за надлежноста евалуација, учеле од странски искуства и го усогласувале домашното законодавство.

- Тоа не е процес што може да се направи преку ноќ, особено за институција која паралелно се занимава и со акредитација, рече Петковски, информирајќи дека согласно со новиот Закон за високо образование Одборот акредитирал или реакредитирал околу 700 студиски програми.

Претседателот на Одборот појасни дека немаат надлежност да одземаат акредитација, туку тоа да му го предложат на МОН. Последен случај на одземена акредитација е Њујорк универзитетот во Сарај. Одборот ќе побара одземање на одобрението за работа ако  не се почитуваат законските прописи, ако се нуди неквалитетно образование кое не одговара на нивото на високообразовна институција и ако има институционални пропусти, како недоволен број професори или неадекватна управувачка структура.

Одборот има 23 члена - предложени од Интеруниверзитетската конференција, од МАНУ,  Студентскиот парламент, од стопанските комори, а девет од нив се предложени од Владата,  вклучувајќи го и претседателот на телото Михаил Петковски, проф. на Економскиот факултет  во Скопје.