Одбележан Меѓународниот ден на лицата со хендикеп

Отстранување на сите видови бариери, инклузивност во образованието, развој и поголема достапност на нови сервиси за поддршка, подигнување на капацитетот на сите институции, за поголема вклученост во општеството, побараа лицата со попреченост на денешното одбележување на Меѓународниот ден на лицата хендикеп  - 3 Декември.  

Предизвиците со кои овие лица се соочуваат се системски и долготрајни и бараат мобилизираност на сите чинители во општеството. Сметаат дека прашањето може да се реши со исто таков системски пристап преку донесување на системски закон за заштита на правата и достоинството на лицата со хендикеп.

- Проблеми има во спроведувањето на инклузивноста во образованието, но и во општеството воопшто. Треба да се развиваат новите сервиси за поддршка, едукација на нови кадри, како и подигнување на капацитетот на сите институции и медиумите во поглед на презентирање и промовирање на прашањето на хендикепот од аспект на човековите права, истакна Елена Кочовска програмски раководител во Полио Плус.

Таа смета дека, исто така, треба да се надмине мединцинскиот пристап кон граѓаните со хендикеп, бидејќи, како што рече, само на тој начин може да се креираат насоки, политики и стратегии кои ќе водат кон нивна целосна инклузија.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски е свесен дека сотојбите не се идеални.

- Има уште многу да се работи за да се постигне целосна општествена инклузија на овие лица, бидејќи состојбата во која се наоѓаат не ги прави поразлични од нас останатите. Затоа сме должни да им обезбедиме идентичен пристап до се што е во општеството, истакна министерот Ристовски.

За таа цел, додаде, минатиот месец е формирано Национално координативно тело, во кое ќе бидат вклучени повеќе релевантни чинители во чија надлежност се прашањата од оваа сфера, но и претставници од граѓанскиот сектор кои ќе утврдат акциски планови со утврдени рокови и конкретни мерки и активности за унапредување на статусот на лицата со хендикеп.

Ристовски посочи дека во наредниот период ќе се посвети внимание и на вработувањето на овие лица во јавната администрација, а најави и засилени контроли во приватниот сектор во кој државата стимулира вработување на овие лица со тоа што на работодавачите им ги рефундира средства за уплатени придонеси, со цел да се спречат злоупотреби.

Министерот за труд и социјална политика присуствуваше на одбележувањето на 3-Декември во организација на Националниот Совет на инвалидските организации на Македонија, како и на промоцијата на Извештајот за состојбата на лицата со хендикеп во Република Македонија „Хендикеп-слагалка што недостасува“, во организација на Движењето против хендикеп „Полио Плус“. .

Светските статистики покажува дека околу 10 проценти се со извесна посебна потреба.