Груевски ги повика иселениците да ја чуваат традицијата

Продолжете да работите на зачувување на врските со Македонија. Чувајте ја традицијата и македонскиот јазик и продолжете со вашите напори за зачувување и промовирање на нашиот национален и културен идентитет, им порача премиерот Никола Груевски на македонските иселеници во Лос Анџелес.

Во обраќањето пред присутните, премиерот Груевски ги повика иселениците да бидат сплотени и обединети и да ги помагаат нивните блиски во Македонија бидејќи нивната помош е значајна за сите во државата.

- Бидете заедно и бидете сплотени и обединети. Такви ќе бидете и посилни во секоја прилика кога и е потребно на Македонија. Кога ќе дојдат избори оние кои сакаат да гласаат ќе може да гласаат за кого сакаат и како сакаат. Кога ќе поминат изборите бидете сите за Македонија. Чувајте ја традицијата, чувајте го јазикот - македонскиот јазик, чувајте ги македонските песни и фолклор. Пренесувајте ги македонските обичаи на помладите. Кога ќе можете и колку ќе можете почесто доаѓајте во Македонија, има многу убави нешта што може да се видат таму, истакна Груевски.

Осврнувајќи се на сето она што е направено во изминатиот период, премиерот потсети дека во моментот Македонија е држава со најниски трошоци за правење бизнис споредено со која било земја во Европа. Потенцира дека со намалувањето на многу трошоци за водење бизнис Македонија е земја која нуди најповолен даночен пакет за оние кои инвестираат во неа и оти е многу интересна дестинација за почнување бизнис.

-   Тоа значи најниски даноци. Како прво персонален данок 10 отсто, данок на добивка 10 отсто но само за оние коишто ја распределуваат добивката во дивиденда, додека оние компании кои не ја распределуваат добивката во дивиденда, имаат нула отсто данок на добивка и тоа е единствен случај во Европа, неограничен број години и во неограничен износ. Тоа го користат повеќе од две третини од македонските компании, но и компаниите од странство кои инвестираат во Македонија. Тоа е голема предност, рече Груевски, додавајќи дека е намалено ДДВ во многу сектори и придонесите за здравствено и пензиско осигурување.

Нагласи дека се отворени слободни економски зони во кои има дополнително поволни услови за компаниите кои инвестираат како што се ослободување од плаќање данок на добивка во првите 10 години, целосно ослободување од плаќање персонален данок на доход и ослободување од ДДВ и царина за репроматеријалите што се увезуваат со цел да се направи производ којшто ќе се извезе.

Како новина за иселениците Груевски посочи дека е олеснета процедурата за вадење пасош за разлика од претходно и оти отсега ќе може преку телефон или преку и-меил секој Македонец кој живее надвор од државата да најави интерес за вадење документи.

- Ова е уште една новина која верувам дека е од интерес и на задоволство на многу наши сограѓани од Америка и од другите делови на светот. За подетални информации ќе може да се информирате на сајтот на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, на бројните македонски веб сајтови, дипломатски претставништва. Увидовме дека процедурите за вадење на тие документи се доста сложени и долги. Токму затоа во изминатиот период работевме на надминување на овие проблеми. И токму пред една недела преку МНР објавивме неколку мерки со кои овие процедури значително ќе се забрзаат и олеснат. Отсега ќе може и преку телефон или преку и-меил секој Македонец што живее надвор од Македонија да најави интерес за вадење пасош или друг документ во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија. Ги разгледуваме можностите да може и во други објекти тоа да се извршува во иднина, но засега се уште немаме решение. Нашите амбасади и дипломатските претставништва информациите ќе ги праќаат до МНР и МВР по што ќе добијат повратен одговор за кои лица постои можност за вадење на бараниот документ, информира Груевски.

Во делот на образованието како значајна инвестиција ги спомена над стотината лаборатории за македонските универзитети, низата мерки со кои младите се поттикнуваат да се образуваат, како и специјалните програми на универзитетите за повозрасните луѓе кои имаат желба да се доусовршуваат. 

- Ги охрабривме младите луѓе, но и повозрасните, да одат на што е можно повисоко образование затоа што веруваме во максимата дека колку поголемо образование има човек толку полесно ќе се снајде низ животот и толку има поголеми шанси за снаоѓање. Ги охрабривме и преку јавни медиумски кампањи укажувајќи ги предностите на оние луѓе коишто имаат повисоко образование, но пред се повисоко знаење бидејќи образование без знаење или диплома без знаење тоа е безвредна диплома, истакна Груевски, потсетувајќи дека како резултат на тоа од година во година расте процентот на млади луѓе кои се запишуваат на факултет.

Нормално е, рече Груевски, некој од нив и да не завршат. Обично една третина не успеваат да завршат и нормално е некој да не може да заврши универзитет, но дури две третини завршени млади луѓе со универзитет се сериозен капитал за државата и сериозна понуда за инвеститорите кои доаѓаат и кои бараат млади инженери, економисти, правници способни со знаење, тренирање итн.

- Во овој правец можете да сметате дека Македонија ќе продолжи да чекори во тој правец, во градење на се подобри услови за правење на бизнис, во градење на што подобри услови за повисоко образование и поголемо знаење на секој наш граѓанин затоа што Македонија нема ниту извори за нафта, ниту извори за гас, ниту пак илјадници километри на туристички плажи од каде што би доаѓале огромни приходи. Македонија има два милиони луѓе и ние инвестираме во умовите, во мозоците на тие луѓе, во нивното знаење, во нивниот личен капацитет, бидејќи веруваме колку повеќе поединци, индивидуи во Македонија имаат поголемо знаење и поголем личен капацитет толку посилна ќе ни биде државата, бидејќи државата ја сочинуваат тие два милиона индивидуи или околу два заедно со сите наши во дијаспората. Веруваме дека колку тие поединци се посилни, со поголемо знаење во себе, со поголема креативност, поголема самодоверба која што ја носи знаењето, толку посилна ќе ни биде државата Македонија и ќе имаме поголем напредок и поголеми успеси, потенцира Груевски.

Осврнувајќи се на стратешките цели на државата - членството во НАТО и ЕУ, македонскиот премиер нагласи дека се направени сите процеси и реформи што се барале од Владата, но заради проблемот со јужниот сосед одложени се поканата за НАТО и почетокот на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

- Како држава изградивме стратешко партнерство со САД. Во 2008 година потпишавме Декларација за стратешко партнерство. Како држава се ориентиравме земјата да стане членка на НАТО и ЕУ и тоа е стратешка цел како на власта, така и на опозицијата и по тоа прашање немаме разлики. И навистина направивме многу во тој дел. Уште во 2008 година, како што знаете, Македонија ги заврши сите потребни подготовки, реформи, модернизација, стандарди, за да биде поканета за членство во НАТО. Во 2009 година веќе успеавме да ни ги симнат визите за патување низ Европа и истовремено Македонија да добие препорака од Европската комисија до Европскиот совет пропратена со позитивен извештај за реформите за почеток на преговорите за полноправно членство. Оттогаш четири години по ред добиваме позитивни извештаи и четири по ред препораки од ЕК до Европскиот совет за отпочнување на преговарачкиот процес. За жал, поради проблемот за којшто сте сите запознати со нашиот јужен сосед поканата за НАТО беше одложена, а исто така беа одложени и почетокот на преговорите за полноправно членство во ЕУ, рече Груевски.

Потенцира дека како Влада нема да се откажат од овие стратешки цели за државата, но нагласи дека истовремено се многу внимателни во однос на зачувувањето на македонскиот идентитет, култура и јазик. 

- Ќе продолжиме со нашите напори да бараме решение. Ние сакаме да најдеме решение за проблемот со нашиот јужен сосед. Сакаме да се надмине овој проблем. Сакаме да немаме проблеми со нашиот јужен сосед, да ги нормализираме односите и да станеме и членка на НАТО-алијансата и на ЕУ. Истовремено, многу сме внимателни во однос на ова значајно прашање за нас Македонците и ќе останеме и натаму многу внимателни, но и ќе останеме посветени на процесот за изнаоѓање некое решение, истакна македонскиот премиер во обраќањето пред македонските иселеници во Лос Анџелес.

Покрај средбата со иселениците, македонската владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски во Лос Анџелес пред бизнис заедницата ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија. Претходно, поволните услови за водење бизнис беа претставени и пред поголем број компании од Детроид и Хјустон.