Земјоделска интернет берза за поголем профит во земјоделството

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,


Земјоделскиот сектор добива значајна поддршка од Владата. Субвенциите помагаат да се стимулира производството на културите, имаат и значење во задоволувањето и на ценовниот ефект. Вториот значаен сегмент е обезбедувањето на пазарите, и особено обезбедувањето на информации за движењето на цените на домашните и странски пазари, за среднорочните предвидувања за обемот на производство кој би се пласирал на пазарите, за понудата и побарувачката која се случува и во земјата и надвор од неа. Сето тоа би помогнало во планирањето на идното производство и плановите за пласман на производите на определени пазари каде би се постигнале повисоки цени, но и засилување на соработката помеѓу засегнатите страни, и пазарно поврзување. Од ваквиот пристап корист имаат и примарните производители, и преработувачите и трговците.

Како што и најавивме, Владата отпочна со модернизацијата на системот за добивање на квалитетни пазарни ценовни информации.

На мината седница Владата одлучи да се стартува со надградба, засилување на капацитетите и модернизација на Пазарниот информативен систем. Овој систем веќе е во функција, постои преку веб страната zpis.gov.mk, пазарните податоци се собираат од репрезентативни пазари за определени земјоделски производи и од страна на деловните субјекти според количината и цените за соодветните производи. Сега се оди чекор напред и со новите надградби овој систем ќе започне да функционира како Македонската земјоделска информатичко-електронска(интернет) берза што е силен исчекор на полето на пазарното функционирање на земјоделството, и во идниот период ќе е од помош во насока на воведувањето на класичната Берза на земјоделски производи, како организиран пазар на тргување.

Во насока на креирањето на Земјоделската интернет берза, Владата го задолжи Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Пазарниот информативен систем да го надгради на следниот начин, преку доставување на следните групи на податоци:
Прво, групи на податоци кои ќе се од значење за определувањето на цените на производите:
1) преглед на движење на цените и тргуваните количини на домашниот пазар со образложение за причините за нивно зголемување или намалување,
2) преглед на движење на цените и тргуваните количини на странските пазари на кои производите се пласираат или од кои истите се увезуваат,
3) најмалку неколкумесечни предвидувања за понудата и побарувачката на дефинираните производи на светските пазари врз основа на анализи на релевантни светски институции и организации (ФАО, ОЕЦД, ДЕФРА, УСДА, ЕУ, водечки светски факултети, берзи, министерства во државите кои се важни светски пазари, итн),
Знаејќи ги овие податоци ќе може да се определи што би се продавало во тековниот и идниот период, и врз основа на тоа што би се произведувало.

Второ, информации кои ќе се од значење за самите примарни производители, преработувачи и трговци за навремено да добиваат податоци врз основа на кои ќе може да остварат свои права и интереси, и да остварат пазарна соработка.
4) информации во однос на промена на легислативата, институциите и меѓудржавни договори за трговска соработка, и други политики на државата кои имаат влијание на пазарот, особено во делот на квалитетот и безбедноста на храната,
5) новости и промоција на мерките на поддршка на државата за подобрување на пазарните односи (програми за финансиска поддршка за заштита на квалитет, саеми, подсекторски групи, задруги, итн),
6) објавување на понуди и барања за купување и продажба на земјоделски производи од земјоделски производители и претпријатија заради помагање на пазарните контакти,
Со овие податоци ќе се овозможи стекнување со можност за ефикасно остварување на правата, а ќе се поврзе и понудата и побарувачката што значи и креација на Земјоделска интернет берза.

Покрај тоа што редовно и тековно ќе бидат објавувани на веб страната, овие податоци ќе бидат доставувани и во вид на неделни билтени до корисниците.
Во периодите пред достигнување на пикот на понудата и побарувачката на производите билтенот треба да се објавува и почесто, на секои два дена. Билтенот треба да се доставува електронски до земјоделските фирми, здруженија на земјоделци, корисници на субвенции и до медиуми.

Трето, на веб страната ќе бидат објавувани како редовна активност, подготвени годишни пазарни биланси почнувајќи со 2013 година со сите елементи на понудата и побарувачката на следниве стратешки производи: пченица, јачмен (сточна храна) и млеко. Ова значително ќе помогне во насока на планирање на стабилноста на обезбедување на основните прехранбени производи и навремено преземање на мерките за интервенции на пазарите на овие производи.

И четврто, кое е од исклучителна важност, е тоа што македонскиот пазарен информативен систем ќе се поврзе со германската база на земјоделски и пазарни информации. Тоа значи дека со самото пристапување во соработка, сите податоци кои ги имаат германските субјекти ќе бидат достапни и на македонските субјекти. Ова е особено битно и значајно особено во делот на предвидувањата на движењата на понудата и побарувачката на светските пазари, понудата и побарувачката на пазарите на големите земји(Русија, Кина, Индија, САД...), проекциите за принос и производство во одредени земји, врз основа на што ќе може да се предвиди недостатокот на некој производ и аналогно на тоа да се произведува повеќе од тој производ кај нас со интенција да се продаде на странски пазар поради антиципираната дефицитарност. На овој начин, со поврзувањето со Германија ќе се засили извозот, и ќе се превенира создавање вишок на домашно производство што би водело до намалени цени.

Со квалитетните информации, знаејќи што, како и за каде да произведуваат корист ќе имаат и примарните земјоделци, и преработувачите и трговците. Во целиот ланец на производство се создава можност за обезбедување на додадена вредност и повисок профит за секој учесник во процесот. Значајна корист ќе имаат и граѓаните кои на едно место ќе може да ги увидат цените на производите и проекциите за нивни движења за добрата кои дневно, неделно или среднорочно ги купуваат за своите потреби.