Успешна презентација на македонските бизнис потенцијали во Лос Анџелес

По Детроит и Хјустон, Лос Анџелес е третата дестинација од нашето роуд шоу каде што имавме успешна презентација и остваривме поединечни контакти со голем број инвеститори кои покажаа интерес за можни инвестици во Република Македонија, изјави премиерот Никола Груевски по обраќањето на бизнис форумот.

- Денешната презентација пред 60-тина компании и над 100 присутни лица во салата беше одлично примена и резултираше со повеќе поединечни средби, а дел од присутните компании покажаа интерес за понатамошни контакти со цел можна инвестиција во Република Македонија, рече премиерот Груевски.

Со некои од компаниите, како што посочи, направени се и поединечни контакти. - Дел од нив се од областа на прехранбената индустрија, дел се од производството на козметика, дел од автомобилската индустрија, а дел од градежната индустрија, рече Груевски.

Покрај презентацијата, како што додаде, со дел од претставниците на компаниите кои покажале интерес за повеќе детали од она што било кажано, реализирани се и посебни средби.

На презентација на македонските бизнис потенцијали присуствувал и претставник на Светската банка, кој е одговорен за изданието „Doing Business“, каде што Македонија високо котира, односно од 96 место дојде на 23 место. 

Присуството на претставник на Светската банка, како што рече премиерот, даде посебна кредибилност на она што македонската делегација го говореше.

- Тој го потврди она што ние практично го кажуваме како предност на нашата држава за правење инвестиции. Од тој аспект тоа е добро затоа секогаш кога има трета страна на кредибилност тоа дава една поголема тежина на она што го зборуваме за Република Македонија и воопшто значи поголема доверба кај инвеститорите, изјави премиерот Никола Груевски по обраќањето на бизнис форумот во Лос Анџелес.