Министерката Канческа-Милевска го посети Детскиот театарски центар

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска работно го посети Детскиот театарски центар во Старата скопска чаршија и имаше средба со уметничкиот директор Бајруш Мјаку.

- Детскиот театарски центар придонесува во активностите за ревитализација на Старата скопска чаршија, како и за обединување на децата од разни етникуми во Македонија со големиот број претстави кои бесплатно ги реализира. Има  голем број едукативни програми, работилници за деца, читање сценарија кои потоа ги изведува...  и затоа сметам дека е многу важно функционирањето на оваа институција и Министерството за култура и во иднина ќе продолжи да ја поддржува нивната работа, рече министерката Канческа-Милевска.

Министерството ги поддржува проектите на ДТЦ од 2009 година со буџет од околу четири милиони денари. Уметничкиот директор, актерот Бајруш Мјаку, рече дека поддршката им е значајна зашто во последните две години Министерството им е единствен извор на финансирање на нивните проекти.

- Верувам дека отсега Министерството ќе не поддржува со уште повеќе средства за да продолжиме со нашата работа и да докажеме дека не случајно сме добитници на наградата „Мајка Тереза“ за хуманизам оваа година. Со средствата што ги добиваме од Министерството за култура правиме една до две претстави за деца и сите се бесплатни, истакна Мјаку.

За следната година ДТЦ аплицира за финансиска поддршка за три претстави, од кои една ќе биде куклена („Пипи долгиот чорап“) и ќе биде копродукција со театар од Белград.

Детскиот театарски центар има капацитет за 150 гледачи. Годишно продуцира по две претстави со 30 бесплатни репризни изведби, а го посетуваат над 13.000 деца од предучилишна и училишна возраст. Претставите се играат на албански јазик, со превод на македонски и на турски. Оваа година направиле и претстава на македонски и на албански јазик  („Да ти кажам една тајна за животната средина“) со која гостувале низ повеќе места, и тој е најсупешен проект од Македонија претставен во ЕУ во Брисел. Последната премиера ДТЦ ја постави во октомври - „Касета“ во режија на Софија Ристевска.