Арифи се надева на добри заклучоци за Македонија на декемврискиот Самит на ЕУ

 Вицепремиерката Теута Арифи, по денешната средба со францускиот министер за европски прашања Бернар Казенев во Париз во изјава за МИА изрази задоволство од разговорот со нејзиниот француски домаќин, особено пред одржувањето на самитот на ЕУ во Брисел.

- Ја искористив можноста да ги информирам домаќините за целиот процес,што ние го отворивме во текот на целата 2012 година  - дијалогот на високо ниво, напредокот и резултатите кои постигнати од Високиот дијалог. Стана збор и за извештајот на Европската Унија и секако барањето, Франција како и другите земји членки на ЕУ да не поддржат во процесот за отворање на преговори за европската агенда, рече Арифи.

Вицепремиерката задолжена за евроинтеграции, разговорите со Казенев ги оцени како многу позитивни, со оглед на тоа дека тие поминале во еден отворен пријателски дух.

- Ми беше кажано, дека Франција секогаш била заинтересирана за стабилноста на Балканот,  пријател е на Република Македонија и оти можеме да очекуваме коректна поддршка, имајќи го предвид фактот дека ќе бидат следени и нашите чекори во однос на реформите, но и нашите активности во однос на градење на добрососедски односи во регионот, додава Арифи.

Таа посебно инсистирала на потребата од давање датум за почеток на преговори за време на декемврискиот самит.

- Ставовите на француската страна беа мошне коректни и мислам дека апсолутно и дефинтивно  можеме да сметаме на една коректна соработка од страна на Париз, изјави Арифи.

По средбите во Берлин и Париз, вицепремиерката Теута Арифи се подготвува за завршни средби во Вашингтон.

- Се надевам дека и со тоа што го имаме ние пред нас и на раце во однос на резултати од дијалогот на високо ниво, во однос на резултати на регионалната соработка и во однос на разговори кои веќе со месеци ги имав во многу главни градови на земјите членки на ЕУ, во Вашингтон и Брисел, би сакала да се надевам дека ќе имаме добри и коректни поддржувачки заклучоци на самитот во декември, потенцира вицепремиерката Арифи.

На прашањето на дописникот на МИА дали тоа значи дека може да се очекуваат добри вести од декемврискот самит на ЕУ за граѓаните на Република Македонија, Теута Арифи одговори дека сите ние како граѓани заслужуваме една поддршка во однос на тој процес.

- Не би сакала да преудицирам, сакам да излезат заклучоците па после да ги коментирам. Но, целиот ангажман на Европската комисија во полза на помрднување на процесот, мислам дека зборува за тоа дека шанси да имаме позитивни сигнали постојат, но сепак треба да сочекаме, изјави вицепремиерката Теута Арифи.