Реализирани повеќе капитални проекти на Министерството за култура во изминатите 100 дена од формирањето на Владата

 

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска денеска на прес-конференција информира дека во изминатите 100 дена од формирањето на Владата продолжиле со посветеност да ја реализираат својата програмата во насока на подобрување на целокупната културна клима во државата и афирмација на нашите врви културни вредности во светски рамки.

- Министерството за култура функционира врз јасни дефинирани цели и приоритети - поддршка и негување на традиционалните и современи културни вредности на Македонија, поддршка на културата на сите етнички заедници кои живеат во Македонија, вложување во инфраструктурата во насока на подобрување на условите во кои работат уметниците и културните работници, вработување нов уметнички кадар, ставање на културата во функција на општиот економски и општествен развој, реставрација, конзервација и промоција на културното наследство, голем број археолошки истражувања, зголемена грижа за недозволена трговија со културни добра, поттикнување и развој на културата на локално ниво, преку поддршка на голем број проекти, потенцира Канческа - Милевска.

Таа информира дека во овие 100 дена се реализирани повеќе проекти, отворена е новата Национална установа „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“ Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим.

Министерката Канческа - Милевска додаде дека овој музеј е направен по сите светски стандарди, со специјално подготвена сценографија, соодветна аудио-визуелна опрема, а досега го посетиле повеќе од 20 илјади посетители.

Промовирана е едицијата „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик, која ќе биде дистрибуирна во повеќе од 200 национални библиотеки и научно-образовни установи во светот, во дипломатските конзуларни претставништва, во лекторатите кои се отворени надвор од Македонија.

- Министерството за култура ја финансираше реконструкцијата и обновата на некогашната куќа на нашите големи преродбеници, браќата Миладиновци и спомен-домот на  браќата Миладиновци конечно го доби својот вистински лик. Обновена е целата внатрешност, со нејзиниот богат ентериер и резба, со запазување на сите значајни архитектонски карактеристики на самиот објект, рече Канческа - Милевска.

Во Прилеп е отворен реновираниот Меморијален музеј „11 Октомври“, а во Крива Паланка е отворен Градскиот музеј бидејќи во овој град немало музејска установа која ќе го собира, чува, документира и презентира богатото културно-историско наследство од овој регион.

Отворени се нови простории за уметниците во Безистен - Стара скопска чаршија, кои минатата година беа доделени  на користење на ликовните уметници од ДЛУМ и Арт-визија. Потпишан е договор за грант за конзервација и реставрација на фасадната декорација на Шарената џамија во Тетово, реализирани се конзерваторско-реставраторски зафати на повеќе археолошки локалитети.

Дел од реализираните проекти во изминатите 100 дена се поставување споменик на македонскиот преродбеник Ѓорѓија Пулевски во рамки на „Галичко културно лето 2011“,  конзервирана е и реставрирана  скулптурата Венера Пудика  од Скупи, одбележано е 50-то јубилејно издание на светски реновираниот фестивал Струшки вечери на поезијата. Формирана е новата национална установа - Театар „Комедија“, одбележани се големите јубилеи „110 години од раѓањето на Лазар Личеноски и 100 години од раѓањето на Љубомир Белогаски“.

Реализирани се повеќе од 110 културни содржини во рамките на четвртото издание на манифестацијата „Топол културен бран“. На македонскиот пијанист Симон Трпчески му е врачена титулата „Национален уметник“.

Во делот на меѓународна соработка, Канческа - Милевска ги посочи манифестациите „Деновите на македонската култура во Москва и Санкт Петербург“, „Денови на Македонската култура“ во Талин, европската престолнина на културата за оваа година, Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ - Скопје се претстави на Меѓународниот саем на книга во Франкфурт, а Македонија стана член на Извршниот одбор, највисокиот орган на УНЕСКО. Во Софија беше отворена ликовна изложба на академик Томе Серафимовски, заврши снимањето на филмот „Трето полувреме“, а Спомен-куќата на Тоше Проески освои прва награда на фестивалот за архитектура во Барселона.

Таа најави дека следната недела во Македонија ќе има промоција на македонскиот фолклор во Народна Република Кина, а од 12 до 14 ноември ќе бидеме домаќини на Украинските денови на културата.

Дел од идните проекти на Министерството за култура се - изградба на Стариот театар, чија промоција е планирана за 2012 година, на портата „Македонија“, нова концертна сала за Македонската филхармонија, поставување 20 унифицирани монтажни објекти за туристичка презентација на Македонија, Изградба на Филмски центар, дигитализација на аудио-визуелното културно наследство.

Во Прилеп ќе се реставрира Саат кулата, ќе се обнови и дополни Музејот во село Смилево, реконструкција на Стариот театар во Струмица, адаптација на галерискиот простор во Демир Капија и санација и реновирање на библиотеката во Крива Паланка.

Министерството за култура исто така ќе се посвети и на носење повеќе закони, Закон за издавачка дејност, за аудиовизуелна дејност, Законот за прогласување на Крушево за културно наследство, Закон за поттикнување на странските вложувања во филмската и ТВ продукција и нацрт верзија  на Националната стратегија за развој на културата. 

Категорија: