Ѓорѓиев: Поевтини станови за граѓаните

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Политиката на домувањето зазема значајна компонента во политиките на Владата. Низ повеќе мерки, како што се намалувањето на ДДВ за изградба на станови од 18% на 5%, проектите и програмите за субвенционирање на купувањето или изградбата на стан или куќа, определување на почетна цена од 1евро за метар квадратен за купување на земјиште за изградба на објекти за домување, и специјалните програми за станови за лица со социјален ризик и комерцијални станови по повластени цени, Владата се труди да влијае врз намалувањето на цената на становите/домовите, и дејствува во насока на задоволување на станбеното прашање на граѓаните.

На минатата седница Владата ја усвои Информацијата за изградба на комерцијални станови. Таа е базирана на Програмата за изградба на станови и Инвестициската програма, кои се претходно усвоени.

Информацијата предвидува вкупната бројка на станови кои се во изградба или во припрема на изградба, односно вкупната бројка на комерцијални станови кои се градат во 2012 година, ќе бидат започнати со градба во 2013 и 2014 година, и согласно движењата ќе бидат изградени до 2015 година, да изнесува 1724 станови, во вкупно 30 згради на територијата на целата држава.

Основна цел е зголемување на обемот на станови на страната на понудата, што автоматски доведува до намалување на цената на станбениот квадрат. Исто така, со пласирањето на пазарот на станови чија цена е поевтина од пазарната, за околу просечни 15-20%, дополнително се влијае на намалувањето на цената на квадратот, а резултат на овој пристап е поевтин стан за граѓаните.

Анализите покажаа дека притисокот за највисоки цени на станбениот квадрат се чувствува во главниот град Скопје, затоа и најголем дел од предвидените станови, и првите две фази од проектот, се планирани да се изградат и изведат во Скопје, со цел да се влијае на намалувањето на цената на квадратот во главниот град, што понатаму би водело и до понатамошно намалување на цените на квадратот во внатрешноста на земјата каде што притисокот е помал.

Државата, преку АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, веќе гради, односно во фаза на изградба се 527 станови во 9 комерцијални згради, од кои сите се во Скопје, 1 во центар кај Радиобран, и 8 лоцирани во општината Аеродром. Од овие 527, 152 станови лоцирани во населбата Лисиче-Комплекс источна индустриска зона, уште во текот на месец декември ќе им бидат предадени на лицата кои ги имаат купено становите. Останатите згради имаат во просек по 50 станови по зграда. Овие станови треба да бидат изградени и предадени на сопствениците во 2013 година. За дел од овие станови во текот на идната недела ќе следува постапка за лицитација.

Дополнително, во 2013 година е планирано да се започне со изградба на нови 10 згради со вкупно 508 комерцијални станови. Од нив 7 згради се лоцирани во општината Аеродром, 2 во Центар и една во Карпош. Процесните претпоставки за овие згради се обезбедени, имаме чисти локации и средени се имотно правните односи, донесени се урбанистичките планови, и се очекува во 2013 да се отпочне со нивна градба. Динамиката на изградба на овие згради се определува врз основа на обезбедените средства од продажба на претходно наведените згради. Во првиот квартал од 2013 ќе се отпочне со изградба на 126 станови во населбата Лисиче, а средствата се обезбедени од становите кои се продаваат во декември.

Исто така, во 2013 година, со помош на јавно приватно партнерство е предвидено да се отпочне со изградба на дополнителни 4 згради, со околу 150 станови, во општините Тетово, Кочани, Гостивар и Штип. Република Македонија во овие згради ќе учествува со земјиштето и локациските услови и врз основа на тоа ќе добие паритет во становите кои ќе се изградат. Или вкупно во 2013 година е предвидено да се отпочне со изградба на вкупно 14 згради со околу 650 станови. Рокот за нивно завршување е во 2014 година.

И трето, согласно односот понуда и побарувачка, во 2014 година е предвидено да се отпочне со градба на нови и дополнителни 8 згради со вкупно 559 станови, во градот Скопје, и општините Битола и Охрид, изградба која треба да заврши во 2015 година.

Значајно е да се напомене дека 10% од овие комерцијални станови, ќе бидат наменети за децата без родителска грижа кои потекнуваат од домовите за деца без родителска грижа.

Изградбата на сите овие предвидени 1724 стана во вкупен обем изнесува 4 984 205 000 денари, или околу 80 милиони евра, од кои за становите кои веќе се во изградба се наменети 23 милиони евра, за зградите кои ќе отпочнат со градба во 2013, 33 милиони евра, и за оние во 2014, 24 милиони евра. Средствата се обезбедуваат од сопствени извори на АД, со обновување односно реинвестирање, односно за изградбата на новите станови се користат средства кои се добиени по пат на продажба на становите кои се веќе изградени и продадени со истиот овој проект, што го чини проектот економичен и исплатлив.