Македонската бизнис клима претставена пред 20 компании во Хјустон

Владината економска делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, а во чиј состав се и заменик претседателот на Владата, Владимир Пешевски, министерот за привлекување странски инвестиции, Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида, вчера(среда, 28.11.2012 година) во Хјустон, Соединетите Американски Држави оствари работна вечера со претставници на компании членки на Американско-турската стопанска комора на Тексас.

На средбата, поволностите за инвестиции во Македонија и придобивките од отворањето и водењето бизнис во нашата земја, беа претставени пред дваесетина претходно таргетирани компании од областа на енергетиката и петрохемиската индустрија.

Во своето обраќање премиерот Груевски истакна дека Република Македонија овозможува најниски трошоци за отворање и водење бизнис во Европа. Тие се состојат од нискиот даночен пакет, ослободувањето од даночни оптоварувања во првичниот период на отворање на бизнис во технолошко-индустриските развојни зони, ослободувањето на плаќање данок на добивка доколку таа не се распредели како дивиденда, како и компаративно пониските трошоци за ангажман на соодветна и добро едуцирана и квалификувана работна сила.
 

Претседателот на Владата истакна дека најдобра потврда и гаранција за позитивните можности кои ги нудиме на странските инвеститори се одлуките на странските компании, кои веќе имаат отворено свои производствени капацитети во нашата земја, да отворат и дополнителни и нови капацитети кои ќе ги користат за производство на добра. Исто така, беше посочено дека како резултат на промоцијата на економските поволности кои ги нуди нашата земја во последниот период десетина компании донеле одлука или пак отвориле свои капацитети во Република Македонија.

Премиерот Груевски ги акцентираше и можностите за искористување на минералните суровини во нашата земја, и пристапот на бизнисите кон деталните геолошки испитувања и геолошките искористувања на металичните и неметаличните потенцијали кои ги поседуваме.  

Заменик претседателот на Владата Владимир Пешевски ги презентираше можностите за инвестиција во енергетските капацитети во нашата земја, и можностите за искористување на енергетските потенцијали. Тој се осврна и на макроекономските индикатори за Република Македонија кои гарантираат стабилно и предвидливо опкружување, и позитивна бизнис атмосфера и амбиент за реализација на инвестициите, како и поддршката и сервисната улога на владините институции.

Во текот на денешниот ден, владината делегација ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум во Хјустон, каде што пред претставници на компаниите од Хјустон и околината, ќе бидат презентирани компаративните предности кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори.

Предвидено е претседателот на Владата Груевски да оствари и посета на Тексашкиот медицински центар, и да оствари средби со управниот тим на медицинската установа во насока на креирање на можности за засилување на соработката во областа на здравството.

Премиерот Груевски ќе оствари и средба со градоначалничката на Хјустон, г-ѓа Анис Данет Паркер.