Отчет на министерот за труд и социјална политика за сработеното во првите сто дена од формирањето на Владата

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски е задоволен од активностите што во изминатите 100 дена ги спровела и реализирала институцијата со која тој раководи и смета оти тие ќе ги унапредат состојбите во областите за кои таа е надлежна.

Во областа на работните односи и трудовото право министерот ги спомена утврдувањето минимална плата, договорена од трите социјални партнери, и изготвување закон со кој ова прашање ќе се регулира, унапредувањето на социјалниот дијалог меѓу партнерите и потпишаниот договор со Катар за регулирање на вработувањето работна сила.

- Во областа на социјалната заштита изготвен е новиот софтвер за администрирање на бенифициите, со кој очекуваме значително да се подобрат состојбите во насока на остварување ма правата на заштита од сите категории, повеќе во насока на остварување целосна транспарентност и реално добивање средства на лицата на кои им се потребни, рече министерот Ристовски на денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада.     

Тој додаде дека во оваа област продолжува реализацијата на проектите за условени парични трансфери за социјално загрозените семејства  чии деца редовно посетуваат средно училиште, се реализира кампањата за превенција од семејно насилство, активности за намалување на појавата на деца на улица...

- Продолжува акцијата за регистрирање на лицата без документи, реализиран е проектот за вклучување деца Роми во предучилишното образование за оваа учебна година, направени се законски измени и дополнувања за подобрување на состојбата на потполно слепите лица, лицата со умерени тешки и длабоки пречки во менталниот развој, а покрената е иницијативата за ратификација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност, рече министерот Ристовски.

Во областа на детската заштита, додаде, реализирани се активности за превенција и спречување на сексуалната злоупотреба и педофилија, додека во областа на пензиско и инвалидското осигурување ги напомена законските измени со кои им се овозможува пензионерите кои во периодот од 1079 до 1989 година плаќале пензиско осигурување да можат да докупат пет години стаж и да остварат право на пензија.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот за труд и социјална политика ги потврди информациите дека два месеци не се одвива процесот на посвојување, бидејќи е распуштена Комисијата за посвојување и поради тоа што социјална инспекција на Министерството врши увид врз постојната состојба, односно колку деца се запишани за посвојување и колкав е бројот потенцијални посвоители.

Два месеци, рече министерот, не се врши посвојување затоа што јас ја распуштив Комисијата за посвојување. Врз основа на анализите што ги прави инспекцијата ќе се направи план и динамика за натамошната работа на Комисијата како и продолжување на процесот на посвојување.

Тој најави дека во текот на денот ќе биде формиран новиот состав на Комисијата, во која, како што напомена, ќе бидат вклучени соодветни стручни кадри кои се на многу повисоки позиции во Министерството.

Категорија: