Делегацијата на ЕП на средба со премиерот Груевски пред состанокот на Мешовитиот комитет

Премиерот Никола Груевски денеска во Владата имаше средба со пратеници од Делегацијата на Европскиот парламент во Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија - ЕУ.

Копретседавачот на Мешовитиот комитет Јорго Шацимаркакис по средбата одби да даде изјава за медиумите, посочувајќи дека тоа ќе го стори утре по завршувањето на состанокот на Комитетот.

На прашањето што разговарале со премиерот на речиси двочасовната средба во Владата, Шацимаркакис одговори кусо дека зборувале за „европски прашања“.

Деветиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет почнува попладнево во Собранието на Македонија. Ќе учествуваат пратеници од македонскиот Парламент и европарламентарци, членови на Мешовитиот парламентарен комитет. Предвидено е обраќања да имаат и вицепремиерот задолжен за европски прашања Теута Арифи, министерот за надворешни работи Никола Попоски, вршителот на должност шеф на делегацијата на ЕУ во Република Македонија Роберт Лидли  и известителот за Република Македонија од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент Ричард Ховит. 

На состанокот ќе бидат разгледани повеќе прашања во врска со односите на Република Македонија и Европската унија, како што се: одбележување на 10-годишнината од донесувањето на Охридскиот рамковен договор во контекст на културниот диверзитет во Република Македонија, реформите на јавната администрација, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и актуелната состојба со визната либерализација, граѓанското општество и учеството на граѓаните во процесот на одлучување, слободата на изразување и медиумите, економската состојба, кризата во Евро-зоната и ефектите врз Македонија, како и за транспортните коридори во земјата и искористувањето на средствата од европските фондови за нивна реализација.

На крајот на овој состанок се очекува да бидат разгледани и усвоени завршни препораки.

Категорија: