Вицепремиерот Пешевски на меѓународен форум во Кина

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска во Ченгду, НР Кина, се обрати на 5. Меѓународен форум за соработка на Западна Кина и пред членовите на голем број делегации на држави, светски организации и членови на кинеската бизнис-заедница, ги поздрави напорите на кинеската влада за креирање позитивна бизнис-клима и за поттикнувањето инвестиции во Кина и низ светот.

Како што информира Кабинетот на Пешевски, тој се осврнал и на одличните услови и поволната бизнис-клима во Македонија и ги  презентирал инвестициските можности и условите за бизнис што ги  овозможува државата.

Пешевски вчера имал средби со претседателот на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес на НР Кина Њу Бангуо и со гувернерот на провинцијата Шичуан Јианг Јуфенг.

На средбата со Њу Бангуо било изразено заемно задоволство од досегашната плодна соработка меѓу двете држави и подготвеност за продлабочување на соработката во трговијата, инфраструктурата, енергетиката, инвестициите, туризмот и културата. Пешевски изјавил дека Македонија го поддржува новиот пакет  мерки на НР Кина за подобрување на нејзината соработка со Централна и Источна Европа и дека со нив ќе се овозможи подобар и побрз економски развој. Вицепремиерот истакнал дека Македонија е подготвена да биде најсигурен партнер на Кина од овој регион и дека кинеските компании се добредојдени да инвестираат.

И на средбата со Јуфенг, информира Кабинетот на Пешевски, била  истакната посветеноста на нашата земја за продлабочување на економските односи со НР Кина.

- Оваа година помеѓу Република Македонија и НР Кина беше потпишан Меморандум за продлабочување на соработката кој треба да овозможи размена на искуства и контакти меѓу трговските партнери од двете земји и да ги унапреди економските односи меѓу државите. Кинеските компании досега покажуваат голема заинтересираност за влез во македонското стопанство, особено во областа на енергетиката и патната инфраструктура, како и индустријата. Особено поле на интерес за нив е проектот „Вардарска долина“ за кој што кинеска компанија веќе ја изработува пред-физибилит студија за овој проект, а неколку компании имаат пројавено интерес за негова реализација. Со неколку кинески компании во тек се преговори за изградбата на  проекти од областа на патната инфраструктура, како и индустриски парк за кинески компании, соопшти Кабинетот на потпретседателот на Владата Владимир Пешевски.