Отворена Неделата на претприемништвото во Македонија

Во Македонија од денеска до 10-ти овој месец ќе се промовираат претприемништвото, креативноста, иновативноста, соработката и вложувањето во знаењето на младите.

Тоа го овозможуваат  „Европски ден на претприемачот“ и 3-та „Европска недела на малите и средни претпријатија 2011“ во организација на Европската бизнис асоцијација (ЕБА) и Министерството за економија што денеска официјано беа отворени. Двата настана се организираат паралелно и во 37 европски земји под покровителство на Европската комисија. Во нивни рамки во наредните неколку дена планирано е организрање повеќе настани и работилници кои ќе се одвиваат во Скопје, Битола и Велес.

Извршниот директор на ЕБА Димитар Ристовски истакна дека Европскиот ден на претприемачот е бренд кој обезбедува силен иднетитет на бројни локални настани кои секоја година се организираат во европските градови.

- Неговата основна идеја е промовирање на свесноста за претприемништвото на европско ниво. Европскиот ден на претприемачот кај нас е инициран со цел да и помогне на македонската економија успешно да се справи со економските предизвици на денешнината преку потенцирање на важноста од имплементирање на проактивни политики за поттикнување на нови и развој на постоечки бизниси, рече Ристовски. 

Лукаш Мелка од Делегацијата на Европската унија во Македонија посочи дека Европската недела на мали и средни претпријатија е клучна компонента на Стратегијата на ЕУ за поддршка на претпријатијата.

- Малите и средни претпријатија се клуч за економско заздравување на Европа. Поради тоа тие треба постојано да се охрабруваат и поттикнуваат, рече Мелка и потсети на програмите и грантовите од ЕУ кои се нудат за македонските претпријатија.

Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека малите и средните претпријатија се основното ткиво на македонската економија.

- Во 2010 година во Македонија 61.000 или 99 отсто од сите регистрирани активни претпријатија отпаѓа на малите и средни компании. Затоа тие се важни креатори на општествениот производ и го апсорбираат најголемиот дел од работната сила. Лани од вкупнот број на вработени дури 80 проценти беа ангажирани во малите и средни претпријатија, рече Сарачини и додаде дека нивниот развој како и досега ќе биде највисоко на агендата на Владата.

Големиот број на претприемачи во Македонија, нагласи, можеби не значи многу за развојот на нашата економија, но е јасен показател дека голем број на граѓани поседуваат волја и одлучност сами да ја кројат својата иднина. Затоа поттикнувањето на претприемништвото е од особена важност, особено меѓу младите генерации.

Тој потсети на поволностите што ги нуди Владата за претприемачите како и на кредититната линија  од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во износ од 150 милиони евра со повластена каматна стапка од 5,5 проценти од кои првите 50 милони се веќе одобрени од ЕИБ и ќе бидат во функција до крајот на годинава преку Македонската банка за поддршка на развој (МБПР). Преку МБПР ќе се обезбеди и финансиска поддршка за извозно ориентираните компании. 

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски најави дека во наредните четири години Владата планира да спроведе даночна едукација за новоформираните претпријатија, како и програми за промовирање на извозот и потпомагање на претприемништвото.

- На компаниите кои имаат намера да настапуваат на нови странски пазари ќе им даваме финансиска помош до 5.000 евра со цел да изработат студии за анализа на пазарот. Во насока на поттикнување на претприемништвото започнуваме проект за потпомагање на креирање на универзитетски спин оф компании, фирми кои би се формирале од страна на студентите во соработка со факултетите по принципот на кофинансирање со износи до 20.000 евра. Ќе има и ваучери за иновации со кои ќе се стимулираат претпријатијата да соработуваат со универзитетите за пренесување на најнови технологии во нивните технолошки процеси, како и грантови за трансфер на нови технологии во износ од 50.000 евра, рече Пешевски.

Планираме, нагласи, до крајот на годината да го возобновиме и Националниот совет за претприемништво  и конкурентност, нешто што постоеше пред пет-шест години.

Во рамките на отворањето на Европскиот ден на претприемачот и Европската недела на малите и средни претпријатија, Европската бизнис асоцијација по прв пат ја додели наградата „МК - Бизнис лидер“. Наградата за 2011 година ја доби Живко Мукаетов, претседател на УО и генерален директор на Алкалоид АД Скопје.

Мукаетов истакна дека му е задоволство што е добитник на наградата, која како што кажа, е награда на сите вработени во Алкалоид и на сите генерации кои работеле и заедно ја граделе компанијата.


 

Категорија: