Свечен прием во седиштето на НАТО по повод 20 години АРМ - Бесими со порака дека АРМ е подготвена да стане дел од Алијансата

Во присуство на речиси сите амбасадори и официјални преставници на земјите-членки и кандидати за прием во НАТО, а во организација на Мисијата на Република Македонија при НАТО, министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска беше домаќин во седиштето на Алијансата во Брисел по повод 20 години од постоењето и функционирањето на Армијата на Република Македонија.

Со порака дека АРМ е веќе созреана за да добие полноправно члество во НАТО, министерот Бесими денеска ги поздрави присутните гости и им укажа дека Македонија од увозник на мир, станала активен придонесувач на мирот во светот.

- Ние сме веќе полнолетна армија што учествува во мисиите за обезбедување мир ширум светот на НАТО. И благодариме на Северната алијанса на поддршката и за возврат очекуваме да станеме активен член на оваа органзиација, порача министерот Бесими во говорот по повод свечениот прием за јубилејот на АРМ.

Со оглед на тоа што јубилејот на македонската армија во Брисел беше прославен неколку часа пред состанокот на македонската делегација со Северно-атлантскиот совет на НАТО (НАЦ), беше присутен и министерот за надворешни работи Никола Попоски. Тој, заедно со министерот за одбрана Бесими, на приемот ја угостија и помошник-секретарот на Алијансата, Колинда Грабар-Китаровиќ, со која разговараа за атлантските перспективи на нашата држава.

- Денеска очекуваме почеток на 14-тиот циклус од пристапниот процес на Македонија во НАТО. Во изминатите циклуси веќе докажавме дека повеќепати, заедно со сите членки на Алијансата, придонесуваме во нивните мисии и имаме содржински придонеси и во тренинг-делот и во усогласувањето на регулативите и практичното учество на Македонија во мисиите на НАТО ширум светот, посочи министерот Попоски пред состанокот по повод НАЦ-от.

Според Попоски, Македонија е дојдена во фаза во која нашата подготвеност за дејствување како земја-членка на НАТО не е доведена под знак прашалник и оти тоа го имаме потврдено на терен. Тој вели дека сега сме во фаза во која никој веќе не се двоуми колкава би била придобивката од членството на Македонија во НАТО.

- Четири години, за жал, не можеме да го оствариме тоа членство и ние сметаме дека Алијансата е во фаза во која треба да се фокусираме на заедничките интереси. Тоа се пораките што ќе ги упатиме денеска и кои се надеваме дека ќе бидат пресликани во процесот на носење на одлуки. Македонија сака да биде дел од НАТО, заедно на сите наши соседи и пред се со нашиот јужен сосед. Тој пристап го промовираме и нагласуваме отвореност за соработка во можностите пред нас. Очекуваме интересот на Алијансата дека ќе надвладее над билатералните интереси поставени препреки во минатото. Ние докажуваме и во иднина капацитет како земја-членка на Алијансата, додаде министерот за надворешни работи на Репулика Македонија.

Се очекува денеска попладне, Бесими и Попоски да дадат изјава по завршувањето на состанокот за НАЦ-от.