Владата го усвои Предлог законот за доброволно здравствено осигурување

Владата на вчерашната редовна седница го усвои Предлог законот за доброволно здравствено осигурување со кој се уредува нов систем на доброволно здравствено осигурување, односно вклучува дополнително осигурување (кое ги покрива трошоците за партиципација) и приватно осигурување (кое граѓаните ќе може да го набават како осигурителен продукт  од осигурителните компании за да го користат во приватните здравствени установи, односно оние кои ќе бидат надвор од мрежата на јавно финансирани здравствени услуги).

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека поентата на осигурувањето е оти граѓаните ќе треба да склучат договори со осигурителни компании кои ќе нудат осигурителни пакети за дополнително или за приватно здравствено осигурување.

Клучниот сегмент во Законот, посочи Тодоров, е тоа што право на склучување на договори за осигурување имаат само осигуреници кои се во системот на здравствено осигурување на Македонија.

- Ова е заштитна одредба која има витално значење за превенирање на одлевање на осигуреници од Фондот за здравствено осигурување. Очекувам дека Парламентот во целост ќе го поддржи ова законско решение со што ќе се отвори можност и во Македонија да почнат сериозно да функционираат осигурителни компании во оваа сфера. Очекувам дека многу скоро ова ќе биде еден од најпродаваните продукти на осигурителните компании, додаде министерот Никола Тодоров.