Премиерот Груевски се сретна со делегација на Светскиот еврејски конгрес

Претседателот на Владата на Република Македонија,  г-дин Никола Груевски, вчера (вторник, 11 септември 2012 година) оствари средба со делегација на Светскиот еврејски конгрес која што престојува во Република Македонија.

Делегацијата беше предводена од страна на претседателот  на Светскиот еврејски конгрес, г-дин Роналд Лаудер, а во негова придружба беа и генералниот секретар на еврејските заедници во Германија, г-дин Штефан Крамер и почесниот конзул на Израел во Република Македонија, г-дин Виктор Мизрахи.

На средбата стана збор за повеќе прашања од взаемен интерес, за односите помеѓу Република Македонија и Израел, како и за помошта на бројната еврејска дијаспора во однос на процесот на европските интеграции на Република Македонија.

Од страна на претседателот на Светскиот еврејски конгрес, г-дин Роналд Лаудер, беше истакнато дека целиот еврејски народ во светот особено ја цени изградбата на Музејот на жртвите на Холокаустот во Скопје, како и односот на Република Македонија кон еврејската заедница која што живее тука.

На средбата стана збор и за економските потенцијали што ги нуди Република Македонија за привлекување на странските инвеститори и во тој контекст, со оглед на многубројните бизнис контакти на Светскиот еврејски конгрес, се разговараше и за потенцијални вложувања од страна на израелски и еврејски инвеститори во Република Македонија.