Бремените жени и самохраните мајки во социјален ризик ќе се убедуваат да не се откажуваат од своите деца

Стручни тимови од Домот за доенчиња и мали деца во Битола ќе работат со бремени жени или самохрани мајки сместени во оваа установа и ќе се обидат да ги убедат да не се откажуваат од своите деца.

Во рамки на проектот „Моето семејство“ кој е во тек, Министерството за труд и социјална политика изготвило стручен материјал кој содржи Процедури и Програма согласно кои ќе се работи со бремените жени или самохрани мајки кои се во социјален ризик и планираат да се откажат од своите деца.

- Бремената жена и самохраната мајка треба да добие поддршка во прифаќање на состојбата во која се нашла, стручна помош во надминување на чувството на осаменост, срам и вина, доволно информации за правата и ибврските кон детето и натамошната грижа за него или откажување од детето и давање согласност за негово посвојување. Целокупната поддршка притоа се одвива врз основа на добиените информации од Централот за социјална работа по претходна проценка на нивните капацитети и потенцијали како родители, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој додаде дека стручните работници треба да ја информираат мајката за тоа што претставува семејството и неговото значење за развојот на детето, кои се функциите на семејството...

Доколку стручните работници не успеат да ја разубедат мајката да не се откажува од своето дете, во тој случај со неа се работи побрзо да даде согласност за негово посвојување.

Податоците покажуваат дека досега во последните четири години во оваа институција годишно во просек биле сместувани по четири мајки. Просечната должина на престој на мајките во установата е три месеци. Најчесто тоа се мајки на возраст од 18 до 25 години и се во вонбрачна заедница.

Во најголем дел, како што истакна Ристовски, станува збор за мајки кои се во социјален ризик, економски зависни. Поради тоа, додаде, напоредно се работи на поврзување на мерките, односно преку Агенцијата за вработување преку специјални програми им се дава предност за вработување токму на овие лица.