Ставрески: Ориентален тутун и натаму ќе се сади и ќе се исплаќаат субвенциите

Тутунопроизводителите може да бидат спокојни и сигурни дека и натаму ќе има производство на ориентален тутун и дека ќе ги добиваат субвенциите така како што е ветено во програмата на Владата на Република Македонија. 

Ова го порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска истакнувајќи дека препораките на Светската здравствена организација повеќе се однесуваат на зачувување на здравјето на пушачите, отколку на оние кои произведуваат тутун.

- Тутунопроизводителите да бидат спокојни дека нема ризик за македонските тутунопроизводители ниту пак има опасност од намалување на субвенциите, рече министерот и додаде дека субвенциите на тутунарите за годинава се целосно исплатени во износ од 20 милиони евра во текот на мај и јуни годинава.

Во однос на порепораките на СЗО што треба да се гласаат во ноември, Ставрески рече дека Владата ќе ги заштити интересите на Македонија и на произодителите на тутун и во тој дел ќе заземе став во корист на македонската економија и македонското земјоделство.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека ќе нема ребаланс на буџетот за годинава и оти веќе се почнати подготовките за буџетот за наредната година.

- Во моментов сме во фаза кога се уште ги добиваме информациите од буџетските корисници, рече Ставрески.

Тој потенцира дека ќе нема зголемување на даноците. - Владата во програмата за 2011-2015 година нема предвидено зголемување на даноците наспроти тоа што го прават многу држави, а неодамна и соседната Србија. Не планирамне зголемување на ДДВ, рече министерот и додаде дека сите предлози на бизнис заедницата Владата сериозно ги разгледува и доколку може ќе ги прифати.

За повратот на ДДВ рече дека тоа се прави согласно законските норми и облигациските односи,  како што пристигнуваат налозите редовно се врши исплатата.