Заврши претставувањето на македонската култура во Марибор, годинашна европска престолнина на културата

Со бурни аплаузи и овации на многубројната публика, синоќа во словенечкиот театар во Марибор, беа поздравени актерите на Драмскиот театар за изведбата на претставата „Хамлет“ во режија на Дејан Пројковски. Маестралната игра на македонскиот „Хамлет“, Дејан Лилиќ, како и на останатите актери, претставена во една современа димензија, ја остави словенечката публиката без здив.

Со изведба на претставата „Хамлет“, која изминатиот период ги освои театарските сцени во повеќе европски градови беше заокружено претставувањето на македонската култура во рамки на манифестацијата „Марибор - европска престолнина на културата за 2012 година“. 

На затворањето на манифестацијата присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која во своето обраќање истакна дека учеството на Европската престолнина на културата е особено значајно затоа што постои можност да се прикаже сопствената култура.

- Оваа ноќ Република Македонија и Република Словенија градат уште еден симболичен мост на нивните идентитети, на нивните многу слични историски и духовни мемории во трезорот на европската култура. Од Македонија преку презентацијата на македонската култура во престолнината на Европа за 2012 година ви носиме пријателски интонирана порака, со желба и понатаму да ги надминуваме границите на сопствениот културен простор, а наша  единствена константа да биде постојаната метаморфоза на настани и случувања од областа на културата, истакна Канческа-Милевска.

Претходно во Марибор, министерката за култура се сретна со директорката на манифестацијата „Марибор - европска престолнина на културата за 2012 година“, Сузана Жилиќ Фишер, која изрази задоволство што македонската култура е дел од овој значаен настан. Фишер ги пренесе интересот и импресиите од настапите на македонските уметници Зоран Маџиров  и неговиот бенд и на музичката група „Ла Колони Волвокс“, кои со својот настап, на публиката и приредија едно несекојдневно доживување.

Канческа-Милевска во рамки на еднодневната работна посета на Словенија, претходно во Љубљана оствари средба со словенечкиот министер за култура, образование, наука и спорт Жига Турк, на која беше потврдена досегашната успешна соработка меѓу двете земји во областа на културата и уметноста. 

Во Љубљана, министерката за култура ја посети и Националната и универзитетска библиотека, каде што со директорката на библиотеката, Матеја Комел Сној разговараше за идната соработка меѓу институциите од двете земји во областа на библиотечната дејност. На оваа институција и ја подари едицијата „130 тома македонска книжевност на англиски јазик“.

За време на престојот во Словенија, Канческа-Милевска оствари средба и со претседателот на Форумот на словенски култури Андреа Рихтер, на која се  разговараше за актуелните проекти кои Министерството за култура ги има како членка на Форумот, а тема на разговор беше и претстојната министерска средба, која треба да се одржи на 8 и 9 април следната година.