Груевски: Грижата за пензионерите наш врвен приоритет

Придонесот што го дадовте  и што се уште го давате за подобро утре на идните поколенија и за иднината на државата е огромен. Во  вас гледаме партнер за спроведување на политиките од значење на државата. Затоа, како и досега, грижата и заштитата на пензионерите останува врвен приоритет на Владата, им порача премиерот Никола Груевски на присутните на 17. „Републички пензионерски спортски натпревари“.

- Јакнењето на стандардот, почитта и љубовта, достоинственото поминување на зрелите години од вашиот живот и обезбедувањето мир и спокој вашето секојдневие се едни од основните ваши потреби, но и наша обврска. Грижата и заштитата на пензионерите беше и останува врвен приоритет на Владата на Република Македонија, истакна Груевски.

Зголемувањето на пензиите, бањско климатска рекреација, намалување на цените на лековите, бесплатен автобуски превоз, подобрување на здравствените услуги и социјалната заштита, дневни центри и клубови за пензионерите, зголемена активност на постарите лица и нивна поголема вклученост во општествените текови, рече премиерот, се само дел од мерките и активностите кои се од особено значење за вас, а ние ќе дадеме се од себе тие да продолжат во континуитет да се спроведуваат и надградуваат.

- Ќе направиме се што е во наша моќ да ви овозможиме и да ве охрабриме сите свои желби, копнежи и аспирации да ги остварувате како силни индивидуи, целосно интегрирани во општеството. Нашите потенцијали, искуството и знаењето кое го поседувате ви даваат за право да ги добиете потребните услови за сопствена реализација што несомнено ќе биде од корист и за севкупен прогрес на нашата држава, истакна македонскиот премиер, кој е покровител на овогодинешните Републички пензионерски спортски натпревари.

Според него, денешниот настан е уште една потврда, како што рече, за политиките на Владата за развој и континуирана соработка, градење доверба и партнерски однос со граѓанскиот сектор.

Соработката на државните институции со невладиниот сектор, според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, е клучен фактор во развојот на една демократска држава како што е Република Македонија, бидејќи, како што рече, секогаш може да се слушнат добри идеи кои се во функција на подобрување на целокупниот амбиент во државава.

Приоритет на Владата и Министерството, додаде тој, е обезбедување достоинствен живот на старите лица и на пензионерите.

- Економската криза има влијание и врз социјалното осигурување особено врз пензиите и нивната исплата. Некои држави преземаа рестрективни мерки во пензиското осигурување што резултираа со намалување на правата или замрзнување на висината на пензијата за неколку години. Во Македонија пензиите се исплатуваат редовно, истакна министерот Ристовски.

Тој потсети на неколку проекти кои се реализирани, а имаат цел заштита и унапредување на состојбата на пензионерите. Додаде дека се работи и на развивање на вонинституционални форми за грижа и помош за старите лица во Македонија преку отварање на дневни центри.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија Драги Аргировски е задоволен од соработката со владините институции и смета дека таа води кон преземање и реализирање мерки кои постојано ја унапредуваат состојбата на пензионерите во земјава.

Републичките спортски пензионерски игри, како што рече, се можност не само за спортски натпревар меѓу пензионерите, туку и за дружење и создавање нови пријателства.

Републичките пензионерски спортски игри годинава за првпат се одржуваат во Скопје. На нив учествуваат 1.100 пензионери, од кои 395 натпреварувачи кои се победници на регионалните натпревари. Првите спортски игри на пензионерите се одржале во 1996 година, а на нив имало 150 учесници со 45 натпреварувачи.