Попоски се сретна со генералниот секретар на Советот за регионална соработка во ЈИЕ Бишчевиќ

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше работна средба со генералниот секретар на Советот за регионална соработка во Југоисточна Европа, Хидо Бишчевиќ.

На средбата, соопштуваат од МНР, се разговараше за приоритетите и активностите кои Република Македонија како претседавач со Процесот за соработка во ЈИЕ ги спроведува во периодот јуни 2012-јуни 2013 година.

Двајцата соговорници разменија мислења за соработката на Република Македонија со Советот за регионална соработка, кој како извршен орган на Процесот за соработка во Југоисточна Европа ги следи политичките насоки на земјата-претседавач.

Во таа насока, беа договорени неколку заеднички активности во формат на министерски средби и експертски конференции, со кои директно ќе се придонесе за промоција на македонските заложби за проактивна регионална политика во регионот на Југоисточна Европа.

Генералниот секретар Бишчевиќ оствари одвоена средба и со Националното координативно тело задолжено за претседавањето на Република Македонија со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, на која се разговараше за календарот на активности на македонското претседавање, подготовката на новата работна програма на Советот за регионална соработка за периодот 2013/2015 година и други актуелни прашања.

Како што соопштуваат од МНР, на состанокот се разгледаа и прашања за натамошниот развој и унапредувањето на регионалната соработка, актуелните состојби во регионот и напредокот во европските и евроатлантските интеграции.