Министерството за култура донираше книги за СОС Детското село

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети СОС Детското село каде што присуствуваше на донирањето книги за установата.

Примероци од книгите „Македонските приказни за Филип и Александар“ од доктор Жан Митрев и Музејскиот водич за археолохија се донирани во Детското село преку конкурс. Потоа, Министерството за култура откупува вредни дела и ги дистрибуира до сите библиотеки во земјата.

- Во книгата за Филип и Александар видов голем број доблести, мудрости и примери кои може да се пренесат од генерација на генерација и да се искористат и во нашето работење. Кога го погледнав делото сметав дека е добро да го дадеме на СОС Детското село, бидејќи станува збор за приказни за помладите генерации, но и за возрасните, рече Канческа-Милевска.

Преку книгата за археологија, нагласи министерката, децата ќе имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети, што значи археологијата, што значат локалитет и златна доба итн.

- Сакам да упатам апел сите дечиња да доаѓаат почесто на концертите на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, да ги посетуваат театарските претстави и се што е во доменот на културата ние сме отворени за соработка, додаде Канческа-Милевска.

Доктор Митрев потенцираше оти доаѓајќи во Детското село доживеал посебни емоции и имал можност да се запознае со многу хумана организација.

- Посебно ми е мило што мојата книга е избрана за да биде поклонета на овие деца и се надевам дека ќе им биде поучно четиво и нешто оттаму ќе понесат во животот. Книгата е излезена пред неколку месеци и после позитивните реакции се осмелив да ја испратам на голема издавачка куќа во Америка. Оттаму веќе ме известија дека книгата е прифатена за печатење во цел свет, рече Митрев.

Тој појасни дека книгата е негово лично видување за големината на луѓето кои оставиле длабока трага во историјата, пренесено на начин кој треба да биде поука за децата.