Владата воспоставува систем за финансиско разузнавање

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Борбата против корупцијата и криминалот се стратешка определба на Владата. Постојаните мерки за подобрување на системот за борба против криминалот и корупцијата и неговото усовршување до високи нивоа и по светски стандарди се карактеристика на Владата. Целта е обезбедување на владеење на правото, и заштита на граѓаните и нивните интереси.

Во оваа насока, Владата одлучи да започне со реализација на проектот за воспоставување на најмодерен и најсофистициран систем за финансиско разузнавање. Моделот на системот е преземен и се остварува во соработка со Владата на Норвешка, и за оваа цел се обезбедени и ќе бидат ангажирани 1,5 милион евра. Овој систем ќе биде управуван од Управата за финансиско разузнавање, каде што ќе биде и организационо, кадровско и просторно воспоставен и воведен во работа.

Веќе се определени лицата кои ќе работат на оваа проблематика, а системот ќе биде воведуван со поддршка на норвешката Единица за финансиско разузнавање, норвешкото МВР, што дава гаранција за квалитетот на проектот, неговата сигурност и превенција од злоупотреба.

Функција на системот ќе биде спречување на перење пари и финансирање тероризам, но и борба против останатите видови на финансиски криминал. Тој ќе овозможи поефикасна анализа и обработка на податоците, а особено ќе придонесе за значително намалување на времето за анализа на случаите кои се предмет на оперативна работа. Ако порано за некоја обработка биле потребни неколку месеци, сега со овој систем за обработка ќе бидат потребни неколку минути.

Ќе се воведе силен софтверски систем, кој ќе обезбедува податоци за секое пријавено или осомничено лице. Софтверот ќе овозможува прибирање на податоци, автоматска обработка и категоризација, анализа на случаи и генерирање на извештаи.

Ќе биде воспоставена  силна, обемна и прецизна база на податоци која ќе се користи при третирање на криминалните појави. Ќе се воспостави и модул за визуелна анализа на податоците.

Системот ќе обезбеди и поефикасно координирање на активностите на органите надлежни за борба против криминалот: Министерство за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Управата за јавни приходи. Тие ќе бидат поврзани со специјални адаптери за комуникација преку која ќе разменуваат податоци и информации, што ќе овозможи сеопфатна и поефикасна борба против криминалот.

Посебен аспект ќе биде модулот за генерирање на финални разузнавачки извештаи од областа на финансиското разузнавање кои ќе се проследуваат до органите за борба против криминалот.

Покрај редовното функционирање на системот за детекција и сузбивање на криминалот од страна на органите за борба против криминалот, ќе биде воведена и интерактивна веб апликација преку која банките, адвокатите, штедилниците, менувачниците, извршителите, нотарите и останатите субјекти, согласно законот, ќе може да доставуваат податоци и ќе може да бараат проверка на осомничени и потенцијално опасни лица кои сакаат да вршат криминал, перење пари или финансирање тероризам. Исто така, ќе има и модул за автоматско генерирање и испраќање на податоци или барања за дополнителни податоци до банките.

Ова значи воведување на комплетен систем, во сите фази и  скалила од процесот на можно противправно однесување, и систем за ефикасна борба против криминалот. Вака поставениот систем ќе ги сведе на минимум обидите и можностите за перење пари и финансирање тероризам. Македонија, покрај Канада и Австралија кои се лидери во светски рамки по овој систем, и Норвешка која е лидер во европски рамки, ќе се вбројува во земјите со најкомплетен и најсофистициран систем за оваа намена. Тоа ќе помогне во превенција од криминал, и во сузбивањето на криминалот, лицата кои ќе имаат намера да вршат вакви противправни дела треба да бидат свесни дека ќе се соочат со брза детекција, а по детекцијата ќе треба многу кратко време да се осознаат сите податоци од значење за нив, и за обезбедување на докази од значење за утврдување на нивната вина и нивно санкционирање.

Заедно со проектот за воспоставување на ИТ форензичка лабораторија воведувањето на системот за финансиско разузнавање ќе придонесе за намалување на бројот на кривични дела од областа на финансискиот криминал, и зголемување на успешноста при лоцирање и утврдување на сторителите, како и ефикасно и ефективно нивно санкционирање.