Огласи за концесии и во гинекологија и стоматологија, за една недела огласи за 617 концесии со можност за 1.234 вработувања

Министерството за здравство денеска објави уште два нови огласa за спроведување постапка за доделување 76 концесии за вршење здравствена дејност од областа на гинекологијата (што е можност за 152 нови вработувања) и за доделување 359 концесии за вршење здравствена дејност од областа на стоматолошката здравствена заштита (што е можност за нови 718 нови вработувања).

Минатата недела беше најавен огласот за доделување 182 концесии за вршење здравствена дејност за примарна здравствена заштита, што претставува можност за отворање на нови 364 работни места. Министерството за една недела објави огласи за доделување вкупно 617 концесии за зајакнување на примарната здравствена заштита, со што се отвора можност за 1.234 нови вработувања.
 
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека со цел зајакнување на гинеколошката здравствена заштита и зголемување на бројот на матични гинеколози ќе се овозможи во 62 општини да се отворат приватни здравствени установи на примарно ниво во областа на гинекологијата.
 
- Во регионот на Скопје, заедно со приградските општини ќе бидат доделени 17 концесии (по две во општините Ѓорче Петров, Карпош и Гази Баба и по една концесија во Шуто Оризари, Сарај, Бутел 1, Арачиново, Студеничани, Петровец, Илинден, Зелениково, Чучер Сандево и Сопиште). Исто така, нови концесии ќе се доделат и за останатите градови низ Македонија, согласно дефинираните потреби во здравствената мрежа, истакна Тодоров.

Во Куманово ќе бидат доделени три концесии за отворање приватни гинеколошки ординации и по две концесии за Битола, Прилеп, Струга, Охрид, Гостивар, Липково и по една концесија во останатите 50 општини (Крушево, Могила, Новаци, Демир Хисар, Велес, Градско, Чашка, кавадарци, Крива Паланка....итн.).
 
- Досегашните анализи на терен покажаа дека речиси во сите региони во државата има потреба од поголем број избрани, односно матични гинеколози и токму во таа насока уште еднаш сакам да го потенцирам значењето на здравствената мрежа, како добар механизам за обезбедување рамномерен систем на здравствени услуги за сите граѓани во државата, потенцира Тодоров.

 
Според него, избраниот гинеколог е клучната алка во системот за темелна грижа за здравјето на жената, за вршење редовни превентивни прегледи, грижа за безбедна бременост, навремено откривање и лекување на гинеколошките заболувања, за совети за планирање на семејството и други активности за спроведување на куративната и превентивна здравствена заштита.

Во моментов, информира Тодоров, има 128 гинеколошки ординации кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување.

Како втора мерка која ја најави министерот за здравство, а на која се фокусирани е зголемување на бројот на специјалисти-гинеколози, со распишување конкурс за поголем број нови специјализации (што наскоро ќе стартуваат), при што дел од предвидените специјализациите ќе бидат и за гинеколози-специјалисти.
 
Тој рече дека од областа на стоматолошката здравствена заштита во скопските општини и околината се предвидени 167 концесии, при што по 20 концесии ќе бидат доделени во општини Аеродром, Гази Баба и Чаир, по 15 концесии во општините Ѓорче Петров и Карпош, по 10 концесии – во Шуто Оризари, Бутел и Сарај, по седум концесии во Студеничани и во Арачиново, по пет концесии во Илинден и во Сопиште, четири во Петровец итн.
         
- Во Тетово ќе бидат распишани 15 концесии за стоматолошки ординации од ПЗЗ, по 10 - во Штип, Гостивар, Врапчиште, Боговиње и во Желино.  По седум концесии ќе бидат доделени и во општините Брвеница и Студеничани, по шест концесии во четири општини (Охрид, Струга, Струмица и Теарце), по пет концесии во Битола, Кочани, Виница, Кичево, Велес и во Куманово итн., истакна Тодоров. 
Според евиденцијата од Заводот за вработување, во моментов има 343 невработени стоматолози, од кои најголем број има во Скопје и во околните населени места. Во Битола, каде има 46 невработени стоматолози ќе се издаваат концесии за пет медицински тимови, во Охрид каде има 22 невработени стоматолози ќе се издадат 6 концесии.  

Во моментов има 890 стоматолошки ординации кои имаат договор со ФЗОМ.
 
Министерот Тодоров повика на огласот да се јават сите заинтересирани стоматолози, со акцент на невработените, кои, како што рече, имаат можност да отворат своја ординација не само во местото на своето живеење, туку и во останатите региони во државата, каде за тоа има распишано повик за концесија.
 
- Сакам да потенцирам дека сето ова ќе овозможи отворање на поголем стоматолошки и гинеколошки ординации во подрачјата каде според мрежата е констатиран недостиг од овие специјалности, со цел граѓаните ќе добијат порамномерна распределеност на здравствените установи од општа пракса на територијата на цела држава, додаде министерот Никола Тодоров.