Глобални компании од автомобискиот сектор заинтересирани за можностите за инвестирање во Македонија

Делегација на Владата на Република Македонија, предводена од претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски, а во чиј состав се министерот за привлекување странски инвестиции, г-дин Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони, г-дин Виктор Мизо (среда, 5 септември 2012 година) во Детроит, САД, остварија директни средби со извршните тимови на три глобални компании, производители на автомобилски компоненти.

Станува збор за две американски и една јапонска компанија од оваа индустриска гранка. Сите три компании произведуваат различни видови на автомобилски делови и се познати добавувачи во автомобилскиот сектор во Соединетите Американски Држави. Од страна на компаниите беше поздравен проактивниот однос кој Владата на Македонија го има кон инвеститорите. Компаниите изразија задоволство од условите за водење бизнис во Македонија, ниските даноци и конкурентната работна сила. Директорите од овие компании истакнаа дека особено значење за нив имаат бенефициите кои Македонија ги нуди во технолошко- индустриските развојни зони имајќи предвид дека нивните производи во целост би се извезувале во другите земји во  Европа. Тие истакнаа дека Република Македонија претставува предмет на интерес како можност за инвестиции.

Премиерот Никола Груевски на средбите ја потенцираше спремноста на Владата за поддршка на инвеститорите во процесот на носење на нивната финална одлука. Тој истакна дека стабилната економија, инвестицискиот пакет кој го нуди државата за поддршка на инвеститорите, либерализираната трговија со сите земји од континентот Европа и пошироко, како и податоците за движењето на макроекономските индикатори во Република Македонија, се добра гаранција дека инвеститорите кои ќе се одлучат за инвестиции во Македонија можат да очекуваат успешно развивање на својот бизнис. Премиерот Груевски потенцираше дека Република Македонија со поволностите и можностите кои ги нуди за странските инвеститори успеа да се етаблира како привлечна дестинација за странски инвестиции за што говорат досегашните реализирани инвестиции, како и интензивните посети на странски реномирани компании во последниот период, кои во голем дел се расположени, а некои веќе и стартуваат со започнување на бизнис во државата.

Соговорниците истакна дека во идниот период ќе се интензивираат комуникациите кои ќе овозможат и продлабочување на односите во насока на можноста за реализирање на конкретни бизнис проекти, за што како опција може да служи и посета на нашата земја на претставници на овие компании, за што од Владата имаат отворена поддршка.  

Владината делегација продолжува во Атланта, Џорџија  каде во текот на денешниот ден ќе се одржи презентација на инвестициските можности на Македонија под наслов “Македонија- европска земја на можности” пред бројни корпорации и инвеститори од Атланта и околината.

Делегацијата ќе оствари и посебни поединечни средби со претставници на заинтересирани компании потенцијални инвеститори.