МИОА ги надгради „семафорите“ за оценка на администрација

Министерството за информатичко општество и администрација го надгради системот за оценување на администрацијата „семафор“  и воведе можност за оценка и во електронска и во хартиена форма.

Минатиот месец администрацијата преку постојните уреди ја оцениле 9.400 граѓани, од кои 72 проценти биле задоволни од нејзината работа, 6 проценти незадоволни, а 22 проценти со неутрална оценка. Најголем број незадоволни има во Агенцијата за катастар на недвижности, а најзадоволни  во Фондот за здравствено осигурување, информира денеска на прес-конференција министерот за информатичко општестсво и администрација Иво Ивановски.

Новите семафори за оценување на администрацијата ќе имаат и звучен и светлосен сигнал при притискање на црвеното, жолтото и зеленото копче за оценка. Ќе содржат и сим картичка, ЏПС  антена, батерија и дополнителна картичка на која секој од вработените ќе треба да се регистрира пред да почне работното време за да се знае точно за кого  е дадена оцената. 

Уредот со светло-емитирачка диода во соодветна боја (зелена, жолта, црвена) ќе индицира добиен глас од граѓанин, а собраните гласови ќе ги праќа на обработка на централна локација, која воедно ќе ја контролира работата на уредот семафор, и ќе овозможува интерфејс за внес на податоци за тоа кои службеници работеле на одреден предмет за кој е добиена оценка од граѓаните и ќе генерира извештаи од оценките

Според Ивановски, надградбата на системот следи по дописите и реакциите од граѓаните за манипулации  со сегашните уреди на дел од шалтерите. Службениците им велеле на граѓаните дека уредите не работатат, односно не им функционираат звучниот и светлосниот сигнал, или пак не работат затоа што е немаат батерија. Граѓаните биле манипулирани бидејќи такви карактеристики уредите воопшто немале.

Нови уреди во пробна фаза на системот ќе функционираат на 110 шалтери во повеќе институции низ државата,  а  се планира да станат решение за оценка на администрацијата на сите 1.200 шалтери. Ќе бидат инсталирани на шалтерите во Агенцијата за вработување во Скопје, во одделенијата на фондовите за здравство  во Битола, во Охрид и во Штип, канцелариите на агенцијата за катастар на недвижност во Битола, во Охрид, во Штип,  во секторот за патен сообраќај на Министерството за транспорт и врски, во Централен регистар на Македонија  и во Клиничкиот центар во Битола.

-  Интересна карактеристика  на ова решение  е што постојано ќе се врши анализа на вработените  во администрацијата, со сите овие дополнителни модули  во овој уред, во институцијата, раководителот, директорот, министерот  ќе има можност во секој  момент да има пристап до базата на податоци и да ги следи резултати од граѓаните, како се оценети неговите работници,  и на база на тие информации да направи анализа дали  е неопходно дел од вработените на шалтерот да бидат унапредени, дел да санкционира или пак во текот на денот да се сменат работните позиции бидејќи на некои не им е баш денот, рече Ивановски.

Дополнителна можност за оценка ќе има и со електронско оценување, односно електронско гласање со пополнување на формулар, што ќе биде  достапен на веб портал поврзан со порталот на МИОА е-демократија. Ќе може да го внесе  бројот на предметот за којшто се добива услуга, да се селектира институцијата, датумот на прием на предметот, да се гласа преку избирање на едно од копчињата и да се даде коментар. Ќе има и гласање на хартија со впишување  на архивскиот број и датумот на услугата, кои пак податоци ќе ги ажурираат вработени во МИОА.