Промовиран проектот „Зелен пакет – јуниор“ за наставници

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и заменик министерот за образование и наука Сафет Незири денеска присуствуваа на промоцијата на мултимедијалниот проект „Зелен пакет - јуниор“ наменет за наставници.

Во прирачникот опфатени се 12 тематски единици од областа на одржливиот развој и животната средина преку кој наставниците ќе се здобијат со знаење да одржат одредени тематски единици на ученици од прво до петто одделение.

Македонија е единствената земја во Европа која изработила верзија за децата со оштетен вид. Министерството за животна средина и просторно планирање, како што нагласи Адеми, инвестира во вакви проекти со цел образување на најмладата популација околу заштита на животната средина и обезбедување одржлив развој за државата, но и за планетата Земја, воопшто.

- Изработката на овој проект ја задоволува потребата за оспособување кадар и програма со која ќе може да се пренесе тоа образование за уште од најмала возраст да се развијат позитивните навики кај децата. Со имплементација на „Зелен пакет –јуниор“, како дополнување на основниот „Зелен пакет“, Македонија ќе стане прва држава која го има изработено пакетот за најмладата популација и го користи во одделенска настава, рече Адеми.

Преку проектот, заминик министерот Незири нагласи дека сакаат да се подигне свеста кај младата популација, но и да се издигне еколошката свест и нејзиното значење. - „Зелениот пакет-јуниор“ наставниците ќе може да го искористат во предметите по природа или на класните часови каде ќе може да им го презентираат на учениците, истакна Незири.

Директорот на Македонската канцеларија на Регионалниот центар за животна средина, Катерина Георгиевска информира дека преку прирачникот наставниците ќе се здобијат со знаење како да одржат одреден час и одредени тематски единици. Пакетот, додаде, содржи и интерактивни алатки за децата како што е играта дилема, книга со приказни од областа на одржливиот развој, цд ромб и флеш меморија со која може да се инсталира на сите компјутери да може да се користат на мајчиниот јазик, македонски и албански.

Со пакетот опфатени се околу 700 наставници, односно по двајца од сите основни училишта во Македонија.