Груевски ги повика иселениците во Канада да инвестираат во Македонија

Премиерот Никола Груевски ја повика македонската дијаспора во Канада да остане обединета, да продолжи да ја поддржува Република Македонија и да инвестира во татковината.

- Како што успеавте да издејствувате Канада да ја признае Република Македонија под уставното име, сплотени и обединети ќе успеете и за многу други цели што ќе си ги поставите. Онаму каде има неслога, таму нема успеси. Таму каде има слога има успеси. Тоа не значи дека не треба да има различни мислења, но тие треба да се решат во сопствениот двор, а надвор да се настапува заеднички, како што тоа знаете најчесто да го направите. Ви честитам за тоа, како и за сите ваши залагања за Македонија. Вашата поддршка на нашите напори за зачувување на македонскиот идентитет и отпорот што го даваме на многуте притисоци и закани што ги имаме во минатото ни значи многу, ни помага. Благодарни сме на тоа, ни дава многу сила да продолжиме и да ги издржуваме тие притисоци. Тие притисоци нема да можат да не уништат. Еден европски филозоф вели тој што не може да те уништи може да те направи само посилен, истакна македонскиот премиер на средбата со македонската дијаспора во канадскиот град Винздор.

Според него, доказ за досегашната поддршка на иселениците е и фактот што Канада ја призна Република Македонија под уставното име.

- Во 2009 година се сретнав со канадскиот премиер Харпер и тој не криеше дека клучна улога во признавањето на Република Македонија под уставното име од страна на Канада има енергичноста, борбеноста и целата енергија што ја внесе македонската дијаспора, рече македонскиот премиер.

Груевски им порача на иселениците да не ја заборават Македонија и да доаѓаат почесто да ја посетуваат.

- Сретнав неколку луѓе кои веќе ми најавија дека во нивните семејства донеле одлуки  за враќање во Македонија и почнување бизнис. Се надевам дека такви примери ќе има што повеќе во иднина. Не бараме од никој од вас да направи бизнис во Македонија без притоа да има профит. Но, ви укажуваме дека во Македонија денес многу полесно се прави бизнис и секој оној што го прави овде во Канада може да размислува дека може тоа да го направи и во Македонија, да заработи, да направи профит и да отвори нови работни места. Исто така, сакам да го задржите единството, слогата бидејќи само со слога и со заеднички јазик ќе бидеме посилни и вие како заедница и сите Македонци во светот, здружени, сплотени, можеме многу повеќе, истакна премиерот Груевски.

На средбата со дијаспората во македонскиот центар „Свети Никола“ присуствуваше и градоначланикот на Виндзор Кен Антела, кој нагласи дека македонската заедница веќе 30 години е значаен дел од градот.

Џеф Ватсон, пратеник на Конзервативната партија во канадскиот Парламент посочи дека Канада и Македонија имаат имаат пријателски билатерални односи.

- Во 2007 година премиерот Ствен Харпер донесе одлука за признавање на Република Македонија под нејзиното уставно име. Во 2008 година Канада беше за тоа Македонија да добие покана за членство во НАТО. Република Македонија веќе е многу активен учесник во НАТО - во Партнерството за мир и во мисијата во Авганистан, со што има многу важна улога во зачувувањето на меѓународниот мир и безбедност, рече Ватсон.