Владата организира голем концерт на „Филип Втори“ по повод 8 Септември

По повод одбележувањето на 21-та годишнина од независноста на Република Македонија, Владата на 8  септември организира голем концерт на Националната арена „Филип Втори“ на браќата Тавитјан на кој ќе настапат и многу македонски и балкански ѕвезди.

Централната прослава за Денот на независноста ќе се реализира преку концертот што ќе почне во 20 часот, на кој ќе биде промовиран албумот „Македонското срце чука во 7/8“ на браќата Тавитјан. Претходно, во 19 часот ќе се одржи свечена академија во Македонската опера и балет.

Во 21 часот на „Филип Втори“ ќе биде интонирана македонската химна во изведба на Игор Дурловски. Потоа ќе следи концертот на триото Тавитјан, а на сцената заедно со нив ќе настапат Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Хари Варошановиќ, Александра Радовиќ, Борис Новковиќ, Нина Бадриќ, Тереза Кесовија, Дадо Топиќ, Аки Ракимовски, Горан Каран, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, Антонија Шола, Калиопи Букле, Каролина Гочева, Мики Јовановски Џафер, Ристо Самарџиев, Есма Реџепова, Влатко Лозановски, Владо Јаневски и Оливер Мандиќ.

- По минатогодишната јубилејна прослава на 20-годишнината од независноста која помина исклучително успешно и со која докажавме дека сме нација која знае достоинствено да ги одбележува големите историски датуми, годинава државниот празник ќе биде одбележан со спектакуларен концерт кој ќе ја презентира богатата македонска музичка традиција, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција по повод настанот.

Македонските ѕвезди заедно со балканските, истакна, обединети на една сцена на македонски јазик ќе ги изведат најубавите наслови од македонската фолклорна ризница.

Во продажба се пуштени 70 илјади влезници по симболична цена од 20 денари, а сите посетители на влезот на арената ќе го добијат албумот „Македонското срце чука во 7/8“. Средствата од билетите, кои се продаваат во Тобако и Тинекс маркетите, ќе бидат дадени за хуманитарни цели, а целиот настан директно ќе биде пренесуван на Македонската радио телевизија и на видео бим на плоштадот „Македонија“.

Владата организира и бесплатен автобуски превоз до арената „Филип Втори“ од сите општини во државата по возен ред кој веќе е објавен во јавните гласила.

Гаро Тавитјан нагласи дека станува збор за исклучителен проект и оти по пет години работење на материјалот кој се занимава со зачувување на националните културни вредности и нивно ширење на Балканот и ширум светот, со концертот се завршува процесот на презентирање на македонската музика на највисоко ниво.

- Сите уметници со големо воодушевување за македонската традиција и со голема почит застанаа позади целиот проект кој се продава во неколку земји на Балканот и во дијаспората, што значи дека македонската песна ќе остане вечна. Македонската песна несомнено е една од најголемите брендови кои ги има Македонија, а самите текстови ја покажуваат историската вредност на нашата држава, додаде Тавитјан.

За манифестацијата, Владата на Република Македонија одвои средства во висина од 58 илјади евра за бина, озвучување, осветлување, како и за пропаганден материјал.