Министерот Попоски на маргините на Форумот во Блед се сретна со своите колеги од Црна Гора и Косово

На првиот ден од учеството на Бледскиот Стратешки Форум, што традиционално се одржува на езерото Блед во Република Словенија, министерот за надворешни работи на Република Македонија оствари билатерални средби со своите колеги од Црна Гора и од Косово, Никола Калуѓеровиќ и Енвер Хоџај, како и со Генералниот Секретар на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), Герхард Фанцелтер.

Како што соопшти денеска Министерството за надворешни работи, во фокусот на разговорите со Калуѓеровиќ биле евро-интегративните процеси на двете земји, реформите кои се спроведуваат во насока на почеток на пристапните преговори со ЕУ, како и соработката во сферата на политичките и економските односи. Попоски го информирал црногорскиот колега за  резултатите на Република Македонија во рамките на Пристапниот дијалог на високо меѓу земјава и Европската Унија.

На средбата со косовскиот шеф на дипломатијата Енвер Хоџај, двајцата министри разговарале за можностите за унапредување и продлабочување на билатералните релации, како и за областите во кои треба да се развиваат добрососедските односи во иднина, со акцент на соработката во регионалните иницијативи. Министерот Попоски ја изразил подготвеноста на Република Македонија да ги пренесе позитивните искуства од областа на локалната самоуправа, процесот на децентрализација и останатите елементи од процесот на евро-интеграциите.

Во разговорот со Генералниот секретар на ЦЕИ Герхард Фанцелтер, министерот Попоски информирал за приоритетите на македонското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Во тој контекст, била изразена и подготвеност за интензивирање на соработката меѓу ПСЈИЕ и ЦЕИ. Министерот за надворешни работи Попоски упатил покана до Генералниот Секретар на ЦЕИ да ја посети Република Македонија, која Фалцентер ја прифатил.

На вториот ден на Бледскиот Стратешки Форум, министерот Никола Попоски ќе има обраќање на панел-дискусијата насловена како „Предизвиците на Европската Унија во Југо-источна Европа“, а ќе оствари и неколку билатерални средби.