Деканите на техничките факултети од УКИМ задоволни од зголемувањето на бројот на студенти

Деканите од техничките факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје се задоволни од зголемувањето на бројот на студенти како резултат на поддршката што ја добиваат од Владата, Министерството за образование и наука и од Универзитетот со кампањата за истакнувањето на предностите за студирање на техничките факултети.

Кампањата, како што изјавија деканите по денешната средба со министерот за образование и наука Панче Кралев и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски во просториите на Ректоратот, вроди со плод и годинава скоро двојно е зголемен интересот за студирање на техничките факултети поради што на сите факултети е направено освежување на студиската програма.

На средбата станало збор и за вработувањето на нови кадри на факултетите, а особено за вработување на лаборанти и соработници во лабораториите. Бројот на добиени согласности за вроботување на факултетите го оценија како недоволен, и додадоа дека поголем временски период воопшто нема согласност за вработување на лаборанти и соработници во лабораториите.

Димитар Трајанов, деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ истакна дека годинава кај нив за упис се пријавиле 611 кандидати, што е најголем број досега.

- Очекуваме кандидатите што го избрале нашиот факултет во иднина без проблем да можат да најдат работа, изјави Трајанов.

Слично е и на Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, посочи деканот Миле Станковски и додаде дека годинава во првиот уписен рок на ФЕИТ се запишале за 35 отсто повеќе студенти отколку лани.

- Годинава запишавме многу поквалитетни студенти. Од нив скоро 30 отсто се со над 90, а над 50 отсто имаат над 80 поени од матура. Зголемениот број на студнети се должи и на поголемиот број стипендии кои ги доделија македонските енергетски компании. Поради тоа двојно го зголемивме бројот на енергетски насоки во однос на лани, а отворивме и нови програми согласно потребите и она што е тренд во светот, рече Станковски.

Деканот на Технолошко-металуршкиот факултет Александар Димитров, пак, нагласи дека годинава запишале дури 62 отсто повеќе студенти во првиот уписен рок во однос на лани.

- Над 80 отсто од запишаните студенти се со најмалку  многу добар успех. Претпоставувам дека ваквото зголемување на бројот на студенти е резултат на кампањата што ја води Владата, но и на 80. стипендии што Технолошко-металуршкиот факултет годинава ги доделува, како и на дефицитарноста на кадарот што го образуваме, рече Димитров.

Додаде дека за вотриот уписен рок остануваат за доделување уште 30 стипендии за чие добивање основен критериум е да се има најмалку многу добар успех од средното образование.

Милорад Јовановски, деканот на Градежниот факултет, истакна дека сличен тренд за зголемување на уписот има и на нивниот факултет каде дури се бара и проширување на квотите во однос на првично бараните.

- Годинава прв пат се случи да ги прошириме квотите за некои насоки за скоро 50 отсто од првично бараните. Интересот за студирање е зголемен и има проширување на бројот на запишани за 30 отсто. Некои насоки се веќе пополнети, а некои се надеваме дека ќе се пополнат во вториот уписен рок, рече Јовановски.

Во моментов, нагласи, нема невработен градежен инженер. Како позитивен го оцени трендот за зголемување на бројот на студенти на техничките факултети, но посочи дека во иднина ќе се трудат да го проектираат  бројот на студенти на, како што рече, прав начин за да не дојде до хиперпродукција на кадри.

Тихомир Стојков, декнаот на Архитектонскиот факултет потенцира дека годинава е зголемен интересот за студирање архитектура и додаде дека на првиот уписен рок се пријавиле 226 кандидати, кои се со подобар квалитет од претходно.

- Во последните три студиски години факултетот работи со максимален капацитет и за жал не можеме да запишеме поголем број, но се отвора простор да запишеме поквалитетни студенти, рече Стојков.

Деканот на Машинскиот факултет Атанас Кочов, пак, посочи дека зголемен интерес за запишување на нивниот факултет се бележи во последните четири години. Лани биле пријавени 250 студенти во првиот уписен рок, а годинава 300.

- Тоа е резултат на активностите што факултетот ги има со домашните и странските компании, на стипендиите кои се доделуваат од страна на Факултетот и Универзитетот, но и на можноста за изработка на дел од семинарските и дипломските работи надвор од државата. За тоа придонесува и соработката со универзитетите во Греманија, Австрија и Италија, но сепак основа е што се менува менталитетот на младите во Македонија за техничките науки, рече Кочов.