Ивановски: Проектот „Размена на документи по службена должност“ прифатен од граѓаните

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски денеска во Битола го промовираа проектот за „Размена на документи по службена должност“.

За време на посетата во Подрачната единица на Агенцијата за вработување во Битола, министерот Ивановски истакна дека овој проект се остварува по донесувањето на соодветниот Закон донесен минатата година, според кој граѓаните немаат потреба да доставуваат дополнителни документи од други институции ако се во сопственост на државата.

- Ниту една институција во Македонија не може да врати назад некој граѓанин за да тој истите ги бара по шалтери на соодветните институции. Преку овие директни средби на терен, ние ги информираме граѓаните дека доколку се случи некој административен службеник да го врати граѓанинот за документ од, на пример Централен регистер, МВР, Фонд за пензиско осигурување, Фонд за здравствено осигурување или Управа за јавни приходи, граѓанинот може да упати жалба до Државниот управен инспекторат, а од таму инспектор ќе изврши увид на терен и доколку институцијата не постапила согласно Законот за општа управна постапка, тогаш ќе следат санкции за службеникот, раководителот и директорот на соодветната институција, посочи Ивановски.

На денешната средба со новинарите беше потврдено дека оваа новина е максимално прифатена од страна на граѓаните и дека значително се намалени проблемите и мешаниците на шалтерите кое со проектот „Размена на документи по службена должност“ се надминуваат.

- Сакавме да излеземе во пресрет на барањата на граѓаните и се до целосното електронско поврзување на институциите, документите ќе се набавуваат во рок од три дена. Нашата цел е сите институции да ги поврземе електронски и очекуваме тоа да заврши во период од две до три години за да можат институциите да ги разменуваат потребните документи, но и граѓаните да можат од дома, преку интернет да добиваат електронски услуги, истакна министерот за информатичко општество и администрација Ивановски.

Запрашан од новинарите дали ќе се кандидира за градоначалник на општина Битола, министерот Ивановски, потврди дека не поднел апликација со програма и кандидатура за градоначалник.

- ВМРО-ДПМНЕ прави анализи, анкети на терен и кога ќе излезе со предлогот за кандидат за градоначалник на Битола сигурно ќе излезе и со предлози за други општини. Апликација за кандидатура не сум поднесол, одговори Ивановски.