Груевски: Македонија нуди најниски трошоци за водење бизнис и пазар од 660 милиони жители

Република Македонија е земја која нуди најниски трошоци за водење бизнис, а со договорите за слободна трговија со сите земји од Европа, обезбедува пазар од 660 милиони жители каде што може да се извезува без царински давачки.

Ова во интервју за канадската телевизија Бизнис Њус Нетворк (Business News Network) во Торонто го изјави премиерот Никола Груевски, кој предводи владина бизнис делегација во политичко-економска посета на Канада и САД. 

- Се што некој произведува во Македонија, може да биде извезено во ЕУ без царински давачки и од Македонија може да биде покриен пазар од 660 милиони луѓе. Друга важна работа што Македонија ја нуди се најниски трошоци за водење бизнис, не само даноци, туку се' останато. Не постои земја во Европа што нуди пониски трошоци за водење бизнис. Од друга страна, имаме висок потенцијал со голем број на високо образовани луѓе, подготвени да им се придружат на компаниите. Има стабилна пазарна економска политика, ниска задолженост од 28 отсто од БДП, ниска инфлација, што значи добри услови за бизнис. Плус, ние имаме слободни економски зони што нудат специјални поволности за компаниите што доаѓаат. На пример, една од бенефициите, е 10 годишно даночно ослободување за компаниите што инвестираат во слободните економски зони", рече Груевски.

Запрашан од новинарот Бизнис Њус Нетворк како земјата и одолева на  глобалната економска криза во изминатите три години, а има најниски даноци и најавува за оваа година раст на БДП од два процента, што вели е нешто што освен Германија го посакуваат и многу други земји од еврозоната, Груевски посочи на владините мерки за градење добра бизнис клима.

- Откако започна глобалната економска криза презедовме серија мерки и се фокусиравме на тоа како да им помогнеме на компаниите, без оглед дали домашни или странски, да го поминат ова време на економска криза, а потоа и на европската должничка криза со што помалку штета. Како резултат на многуте реформи, нистите даноци, со еден проект Регулаторна гилотина со која скусивме многу бирократија, ние создадовме подобра бизнис клима. Како резултат на ова позицијата на земјата во изданието на Светска банка „Дуинг бизнис“ беше драматично подобрена. Во 2006 година бевме на 96 позиција, а денес Македонија е на 22 место во светот според условите за водење бизнис и е пред сите земји од Централна и източна Европа, како и пред 19 земји од вкупно 27 членки на ЕУ. Така создадовме една од нашите главни предности, а тоа е многу добра клима за водење бизнис, рече премиерот Груевски.        

Прашан зошто Македонија сака да стане дел од ЕУ, во време кога таа се соочува со низа проблеми и не е ли подобро земјата да почека, Груевски дециден дека споделуваме исти вредности со западна Европа.

- Главно, наша стратешка цел е да се придружиме на ЕУ, пред се', бидејќи целиот регион каде што е Македонија, Балканскиот полуостров, се движи кон ЕУ. И добро е што тоа се случува, бидејќи ЕУ има подобри стандарди коишто ние ги имплементираме во нашата земја и регионот. Има голема поддршка од фондовите на ЕУ за земјите што се приклучуваат на ЕУ, така што има многу причини. Ние ги делиме и истите вредности со западна Европа и тоа е една од причините зошто сакаме да сме таму, истакна Груевски.

Македонскиот премиер се осврна и на презентациите на условите за водење бизнис во Македонија пред канадските бизнисмени на одржаните бизнис форуми во Монтреал и Торонто и на средбите пред се со компании од индустријата на автомобилски делови.