Канадски компании заинтересирани за ширење на бизнисот во Македонија

Компании од автомобилската и градежната индустрија од Канада заинтересирани за инвестирање во Македонија. Станува збор за мултинационални компании кои сакаат да го прошират бизнисот во Европа.

Ова го истакна министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески кој заедно со владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски се во посета на Канада и САД.

Делегацијата, како што појасни Павлески, со бизнис форумот во Торонто ја заврши посетата на Канада и продолжува со агендата во САД.

- Завршивме со уште еден бизнис форум во Канада со кој ја завршивме посетата на Канада. Има доста голем интерес од канадските компании кои сакаат да го шират својот бизнис во европскиот контитнент и бараат поволни локации како Република Македонија што нудат многу поволни бизнис фискални бенефиции за правење бизнис. Така што едни од секторите што беа покриени во оваа сфера беа секторите од производството. Имаше доста компании од канадската и торонтската автомобилска асоцијација. Практично мултинационални компании кои работат во Европа беа многу заинересирани за можностите што ги нуди Република Македонија во однос на инвестирање и нормално ќе има  состаноци за да им се претстават подеталните можности за правење бизнис во Македонија, изјави Павлески. 

Тој оцени дека досегашните бизнис форуми во Канада се покажаа доста успешни. - Има позитивен фидбек од компаниите и се надеваме дека тоа ќе продолжи, вели Павлески. 

Пред канадските бизнисмени, македонската делегација ги претстави можностите за инвестирање и во рударството, како и во инфраструктурата, што, како што рече Павлески, се многу битни капитални инвестиции за Република Македонија. Тој додаде дека има некои компании во оваа сфера со кои подетално ќе се дискутира во иднина и изрази надеж дека многу од тие кои дошле на форумот и со кои имало дискусии досега ќе дојдат во Македонија ќе ја посетат и во блиската иднина ќе инвестираат.

Претходно владината делегација инвестициските можности во Република Македонија ги претставија на бизнис форум во Монтреал.