Владината делегација предводена од премиерот Груевски на бизнис-форум во Торонто ќе ги претстави можности за инвестирање во Македонија

Претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски, кој ја предводи владината делегација во чиј состав се заменикот на претседател на Владата и министер за финансии, г-дин Зоран Ставрески, министерот за привлекување странски инвестиции, г-дин Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, г-дин Виктор Мизо, денеска(среда, 29 август 2012 година) ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форумот во Торонто, Канада, каде пред претставници на канадски компании од овој регион ќе бидат презентирани инвестициските можности кои што ги нуди Република Македонија.

Бизнис форумот е организиран во соработка со Центарот за инвестирање и трговија на Онтарио и Торонто.

Премиерот Груевски ќе оствари и засебни средби со г-дин Вилијам Греам, претседател на Атлантскиот совет на Канада, како и со г-дин Стив Роџерс, претседател на влијателната Асоцијација на производители на автомобилски делови на Торонто.

Владината делегација ќе оствари и повеќе поединечни средби со претставници на канадски компании кои се потенцијални инвеститори во нашата земја.